Македонија Топ вести

Кривични пријави за одговорната фирма и двајца директори за излевањето на отпадно масло во Дебарско езеро  

Еколошката катастрофа на Дебарско Езеро кога се излеа отпадно моторно масло има епилог и покрај сите влијанија врз истрагата.

За компанијата Кнауф поднесена е кривична пријава за дело „загрозување на животната средина и природата со отпадни материи“ за што е предвидена парична казна.

Генералниот директор на Кнауф и раководител на фабриката за гипс во Дебар добија кривични пријави за несовесно работење во службата за што се предвидени затворски казни од минимум три месеци до повеќегодишни затворски казни.

Излевањето се случи на 19-ти март оваа година, а полицијата откри дека преку атмосферска канализација имало намерно испуштање на отпадно моторно масло.

“Одговорните лица, дозволиле истек на употребено моторно масло сопственост на правното лице, во градската канализациска мрежа, а оттука преку поток кај месноста „Трап венец“ во водите на Дебарското Езеро. Со тоа, пријавените ја загрозиле животната средина и околината и постапиле спротивно на одредбите од законот за управување со отпад, законот за животна средина и од правилникот за отстранување на отпадните масла” – вели Стефан Димовски, портпарол на СВР Охрид.

Силата на уништувањето ја покажува и оваа слика на угината птица во исфрленото отпадно масло. На брегот при истрагата беа најдени и мртви риби.

Во откривањето на виновниците учествуваше и обвинителството и државниот инспекторат за животна средина кој преку анализа на 27 примероци од црната леплива течност утврди дека не е мазут туку опасно отпадно моторно масло.

Се прават дополнителни анализи за што е користено маслото, но се испитуваат и угинатите животни.

Поголема катастрофа е избегната затоа што концесионерите од дружтвото Трофта побарале дополнително испуштање на вода преку браната Шпиље со што опасната течност останала на брегот.

Но операцијата придонела и за дополнително намалување на езерското ниво, спуштено поради енормната употреба на вода за производство на струја.

Миомир Серафиновиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Шанса за Центар“ алармира: Нов ДУП за Барутана носи ризик од ерозија на Водно

Tea Dimkovska

Пожар се шири на Исарот во Штип

Sonja Petrusevska

Со возило ја скршил влезната порта a потоа физички ја нападнал жена му – гостиварец дивеел во домот на родителите на неговата сопруга

Sonja Petrusevska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе