Спорниот закон за дивоградбите се враќа во Парламентот. Дали ќе претрпи измени во текстот, ќе се знае на 8-ми јуни, кога ќе се најде на собраниска седница.
Според деловничките правила за трето читање, комисиите нема да расправаат. Владата може да испрати дополнет предлог закон, а пратениците да поднесат амандмани само за оние членови за кои се усвоени амандмани при второто читање.
Законот, кој на 11-ти мај беше донесен со 73 гласа за, 5 против и тројца воздржани, но доби вето, сега треба да обезбеди најмалку 61 глас. Потоа, претседателот Пендаровски е должен да го потпише указот.
Законот предизвика силни реакции бидејќи овозможува легализација на дивоградби во национални паркови, природни резервати, споменици на природата, во прва и втора санитарно-заштитна зона на извори на питка вода. Професори, правници, архитекти и граѓански организации побараа регистер на дивоградби и легализација само во рамките на ДУП-овите.
Неизвесно е дали на истата седница во првата половина на јуни ќе бидат избрани тројца нови уставни судии.
Спикерот Талат Џафери примил известување од Уставниот суд дека на тројца од вкупно деветмина им завршува мандатот овие денови.
Доколку Комисијата за избори и именувања утврди предлог на нови кандидати, ќе ја стави и оваа точка на дневниот ред.
Седницата ќе се одржи во големата собраниска сала. Џафери смета дека условите се исполнети бидејќи поголемиот дел од пратениците, службите, па и новинарите, примиле две дози вакцина.
Претходно, наредната недела, се очекува Собранието да расправа за една од двете интерпелации што ВМРО ДПМНЕ ги поднесе за министрите Љупчо Николовски и Бојан Маричиќ уште во февруари.
Правило е поднесената интерпелација да се стави на првата наредна седница. Овие две се пролонгираа поради меѓупартиските договори, кои резултираа со поддршка на мерките за справување со ковидот, но и со повлекување на другите точки, закони, одлуки, амандмани, па и интерпелации, и повторно координирање за нивно ставање на дневен ред.
Соња Николовска
