„Крвавиот четврток“ и одговорноста за упадот во Собранието ги одмрзна односите меѓу претседателот Стево Пендаровски и претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Лидерот на опозицијата му се јавил на шефот на државата, откако слушнал дека тој не ги смета за терористи лицата кои на 27 април 2017-та насилно влегоа во законодавниот дом. Договорено е в петок, по цели 9 месеци, да остварат средба. На брифинг со новинарите, Мицкоски рече дека ќе разговараат на две теми: случајот 27-ми април и политичко-економската состојба во земјава. Од кабинетот на Пендаровски велат дека по телефонскиот повик од опозицискиот лидер, договорена е средба на која ќе се разговара за повеќе актуелни теми.
ВМРО ДПМНЕ инсистира сите што го прекршиле законот и извршиле насилство, да одговараат за тоа што го сториле, но не и за тоа што не го сториле. Бараат шанса судењата да почнат од почеток и во еден фер процес да се приложат нови докази. Мицкоски вели дека од Пендаровски нема да бара помилување. Бара повторување на судењето што, според него е можно, слично како во случаите Монструм и Сопот. Со барање за ослободување на осудените, пред десетина дена се одржа протест среде Скопје, поддржан од најголемата опозициска партија.
Можноста за нов судски процес минатата недела ја спомена и претседателот во две различни интервјуа. Тврди дека тие луѓе што влегоа во Собранието не се терористи. Им сугерира на сите што поседуваат некакви докази, да ги искористат гарантираните вонредни правни лекови, што потенцијално може да доведе до обновување на постапката и до расчистување на сите сомнежи.
За упадот во Собранието пред четири години, осудени се 16 лица на вкупно 211 години затвор заради „терористичко загрозување на државниот поредок“. Четворица пратеници добија амнестија. Во тек е судскиот предмет за организаторите на настанот, во кој беа повредени повеќе пратеници и новинари, со сериозна материјална штета.
ВМРО ДПМНЕ ги замрзна односите со претседателот откако тој му даде мандат на Зоран Заев без доказ дека тој има мнозинство во Собранието. Пратеничката група на опозициската партија не присуствуваше и на последното Годишно обраќање на претседателот во декември минатата година.
Соња Николовска
