Црквата е соочена можеби со најголемиот предизвик досега, како да се зачува верата а истовремено да се однесуваме одговорно, вели во Велигденското послание поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, на повеќе актуелни теми, но и на пандемијата.
„Ова искушение ја стави на испит и нашата вера. Како верен народ и Црква се соочивме можеби со најголемиот предизвик: како да се однесуваме одговорно и како да ја запазиме верата? Многумина меѓу нас постапија по снисходење, соработувајќи со оние кои ја понесоа тежината на овој заеднички проблем и во чија одговорност е, и ќе биде – да го запазат општото добро. Затоа татковски повикувавме и повикуваме на трпеливо прифаќање и спроведување на мерките пропишани од одговорните, и од Црквата и од световната власт, вели во Велигденското послание, архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан.
Иако во посланието се испраќа апел да се почитуваат мерките, сепак Црквата не отстапува од некои практики, како што е причестувањето со едно лажиче. Дел од верниците во ова не гледаат опасност за зараза од вирусот, други пак, велат иако се верни на традицијата, годинава ќе ја прескокнат светата причест.
- Со едно лажиче, таква е причесната, не може со различни лажици од дома, вели една битолчанка.
- Се е во ред, се почитувата мерките, јас сега нема да се причестам, иако сум се причестувала, вели друга битолчанка.
- Секој нека одлучи за себе, водејќи сметка и за себе и за заедницата, порача еден битолчанец.
Токму поради причестувањето со една лажичка јавно преку медиумите и социјалните мрежи се судрија министерот Филипче и митрополитот на Преспаско пелагониската епархија, г Петар, кој и самиот ја прележа болеста и неодамна излезе од болничко лекување. Тој рече луѓето кои се неверници и против Бога, да не се мешаат во црковни работи, како што црквата не се меша во државта. Министерот пак преку ФБ статус одговори дека неразбирливи се ставовите и реториката на на Владиката Петар, затоа што битката со вирусот е заедничка и секоја алка мора да функционира. Утрово преку социјалните мрежи премиерот Заев порача денешниот ден верниците наместо во храмовите да го поминат дома, а во кругот на семејството да се дочека и Христовото Воскресение.
Емилија Мисирлиевска
