Половина од граѓаните сметаат дека нивниот градоначалник не заслужува да биде реизбран, покажа Анкетата на МЦМС за локалните избори. Вкупно 57% од етничките Албанци сметаат дека нивниот градоначалник заслужува да биде реизбран за разлика од 37,9% од етничките Македонци.
Етничките Албанци со 74,3% имаат поголема доверба во општините во кои живеат отколку етничките Македонци. Според Анкетата тројцата најдобри градоначалници се: Митко Јанчев на Кавадарци за кого се изјасниле 10,5 отсто испитаници, по него е, Арбен Таравари на Гостивар со 7,5 отсто и кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски со доверба од 6,8% од испитаниците. Прашани за која политичка партија ќе гласаат на локалните избори, 22,4% од граѓаните рекле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а 21,6% за СДСМ.
Поддршката за ДУИ и Алијанса за Албанците е 8,0% односно 6,2%, а за Левица 5,2%.
Вкупно една третина од граѓаните или 34,0% е неизвесно за кого ќе гласаат на седмите локални избори во Македонија. Од нив, 15,2% рекле дека нема да излезат на гласање, а 15,9% рекле дека не знаат или одбиле да одговорат. Најмладите се најбројни меѓу оние за кои е неизвесно за кого ќе гласаат и изнесуваат 37,3%. За МЦМС, анкетата ја спроведе М-Проспект.
Податоците беа прибирани со телефонска анкета во периодот од 17 до 24 март 2021 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1003 испитаници.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани.
Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.
