Со премиерата на филмот „ Хомо“, во режија на Игор Иванов- Изи, на зелениот покрив на ГТЦ, вечерва се затвора 19 издание на фестивалот на европски филм Cinedays. Ова е филм за потрагата по среќата, вели режисерот, кој заедно со Сашо Кокаланов, го напиша сценариото за филмот.
Третиот долгометражен филм на режисерот Игор Иванов –Изи, насловен „Хомо“, низ приказни за 6 ликови, зборува за потрагата по среќата и личната реализација на човекот од нашиве простори, во услови на општествена декаденција и деструкција.
Мене секогаш во фокусот ми била нашата генерација, без разлика колку сум стар јас во периодот кога го создавам филмот. „ Хомо“ е обид да се отсликаат овие наши животи преку 6 ликови од Скопје, кои постојат овде и сега, и се во потрага по среќа. И кога сѐ изгледа очајно, се појавува малку љубов, која колку и да звучи патетично, спасува животи, вели Иванов.
„Хомо“ е спој на црна комедија и драма. Работен е како копродукција меѓу Македонија, Србија, Косово, Бугарија и Словенија, а главен продуцент е „Скопје Филм Студио“. Во филмот настапуваат домашни и актери од земјите копродуценти, а за прв пат на филм се појавува нашиот активист за правата на лицата со попреченост, Александар Матовски – Цако. Со проекцијата на „Хомо“ , се затвора 19 издание на Cinedays. Организацијата во услови на пандемија не била лесна, но се покажала успешна.
Публиката беше доста добро информирана, дисциплинирана, да кажам. А од друга страна, се покажа дека граѓаните и нашата публика се гладни за културни настани. Така што имавме и одлична посетеност. Веќе можам да кажам и официјална бројка од над 4000 продадени и издадени билети, со ограничени капацитети, вели координаторката на Cinedays Маргарита Арсова.
Пред проекцијата на „ Хомо“, кој од октомври ќе се прикажува низ домашните кина, ќе бидат доделени наградите за најдобри филмови на Cinedays, во официјалната и See програмата.
Сотир Трајков