Вести Свет Топ вести

Трамп за климатските промени и пожарите : Наскоро ќе залади!

Загадениот воздух и силниот мирис на чад не го спречија американскиот претседател Доналд Трамп повторно да го игнорира научниот консензус дека климатските промени имаат клучна улога во историски незапаметените шумски пожари на Западниот Брег на САД, повторувајќи ја својата теорија дека лошото управување со шумите и дрвјата се главниот виновник.

Во текот на посетата на Калифорнија, Трамп не ја пропушти можноста вината за страотната ситуација со пожарите да ја префрли на лидерите на сојузните држави од редовите на Демократската партија, кои според него не преземале мерки навреме да ги спречат последиците. Камерите ја регистрираа и неговата полемика со секретарот на природни ресурси на Калифорнија, чија загриженост Трамп се обиде да ја ублажи со прогнозата дека набргу ќе залади.

Ако ја игнорираме наука и на некој начин ја ставиме главата во песок и мислиме дека проблемот е само во управувањето со вегетацијата, нема да успееме заедно да ги заштитиме жителите на Калифорнија, вели Вејд Кроуфут, секретар за природни ресурси на Калифорнија

 

Набргу ќе залади. Почекај и ќе видиш, одговори Трамп.

 

Би сакал науката да се согласува со вас, му врати Кроуфут.

 

Мислам дека науката не знае, рече Трамп.

 

Тоа што науката секако го знае е дека пеколните пожари во Калифорнија, Орегон и Вашингтон Стејт досега уништија речиси 2 милиони хектари површина и усмртија најмалку 36 луѓе од август. Во Калифорнија, од 15-ти Август животот го загубиле 25 луѓе а пожарникарите се борат да задржат под контрола 29 големи шумски пожари.

Метеоролозите предупредуваат и дека силниот јужен ветер и ниската влажност го зголемува ризикот од дополнително ширење на огнените стихии , особено на најголемиот пожар кој досега уништи 106 илјади хектари и е само 26 % под контрола.

Потсмешливиот однос на Трамп кон климатските промени не е ништо ново. Во минатото тој ги опишуваше климатските промени како “митски”, “непостоечки” и “многу скапа измама” . Тој ги повлече САД од парискиот климатски договор, со кој САД и останатите најразвиени светски економии се обврзаа да го ограничат растот на глобалните температури под 2 степени целзиусови над пред-индустриското ниво.

 

Никола Илиевски

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Пожарникарите спасиле човек кој паднал во Драгор – можни одрони на патиштата по обилните дождови

Дејан Дејан

Израел извршил нови воздушни напади врз Кан Јунис, Нусејрат и Џабалија

Дејан Дејан

Загинаа 11 лица во руски напад врз областа Харков

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе