Македонија Топ вести

Пратениците седнаа во пратеничките клупи, но дали Собранието беше конституирано?

Пратениците вчера седнаа во пратеничките клупи, но дали Собранието беше конституирано? Оваа правна дилема се отвори откако претседавачот Талат Џафери ја прекина работата веднаш по верификацијата на пратеничките мандати, без да се избере Комисија за избори и именувања и нов претседател на Собранието. Образложението беше дека се уште не е обезбедено мнозинство од 61 пратеник. Со тоа се создаде и правен вакуум, во кој се отворија дилеми, дали почнува да тече рокот од десет дена за доделување на мандат за формирање на влада? Од Кабинетот на Пендаровски соопштија дека, Џафери се уште не ги известил дека Собранието е конституирано, но и без тоа, рокот почнува да тече од денеска. Се повикуваат на праксата од 2016-та година.

Правниците не се согласуваат дека Собранието е конституирано. Професорката Гордана Сиљановска, која од вчера е и пратеник, вели дека за ова реагирала и по вчерашната седница, прашувајќи зошто се прекинува работата пред третата точка? Добила одговор дека така решиле на координацијата што ја имале претходно координаторите од претходниот состав, затоа што заклучиле дека немаат 61 глас ! Но, и самата координација вели, е спорна, затоа што координатори се избираат откако ќе се изберат пратенички групи.

За Сиљановска, вистинска среќа е што Џафери е и пратеник, инаку нема да можеше да седи во претседавачкото столче, затоа што во деловникот стои дека, тој кој ја свикал седницата, претседава со неа до изборот на претседател и потпретседатели.

Професорката и поранешна пратеничка, Ана Павлова Данева, направи паралела со Сенатот на Универзитетот, кој се смета за конституиран не тогаш кога ќе се соберат сенаторите, туку во моментот кога ќе се избере претседател. Но, и без правна аналогија, вели, за Собранието има конкретни правни акти, во кои стои дека конститутивната седница завршува со изборот на претседател.За неа, ова се политички преседани што ни се повторуваат.

Правниците жалат што не се учи од лекциите од минатото. Само двапати од независноста, во 2008-та и 2014-та година една партија имала мнозинство од 61 пратеник, па Собранието е конституирано веднаш.

Денеска и опозицискиот лидер, Христијан Мицкоски изјави дека смета дека, Собранието не е конституирано.

Од СДСМ нема став за оваа дилема. Собранието без претседател е неефикасно, не може да се закаже нова тематска седница, ниту да се носат закони. Во Уставот е предвидено претседателот на државата во рок од десет дена од конституирањето на Собранието да го довери мандатот за состав на Владата на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во Парламентот. Мандатарот во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандатарот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Далиборка Демјанска Цветановска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани соджини

До крајот на идната недела треба да се знае кој фирми ги исполнувата условите за нов снабдува со струја на домаќинствата

Дејан Дејан

Фирма од семејството на грчки Митилинеос, за 26 милиони евра ќе испорачува јаглен во РЕК Битола

Дејан Дејан

Насилниците не запираат, а жртвите молчат од срам и трпат бидејќи немаат каде

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе