Вести Култура Топ вести

Со изведба на одбрани арии отворено јубилејното 60. „Охридско лето“

Охрид од вечерва до 30 август ги живее своите 28 дена возбуда што ги носи Фестивалот „Охридско лето“. Со познати арии во изведба на уметниците Марија Јелиќ, Дарио Ди Виетри, Иван Томашев и Аманда Стојовиќ, во пијано придружба на маестро Миливое Велиќ, вечерва на Античкиот театар беше отворено годинашното јубилејно 60-то издание на нашата најголема и најреномирана музичко-сценска манифестација.
Вечерашниот концерт е посветен на незаборавната оперска примадона Ана Липша – Тофовиќ, која на фестивалот му врежа љубов, но и вечност. Токму со нејзиниот концерт одржан на денешен ден во 1961 година Фестивалот „Охридско лето“ почна да ја испишува својата биографија.
Пред евидентно редуцираниот број гости на Антички поради КОВИД-пандемијата, Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Стево Пендаровски кој упати честитки за шестдецениското опстојување во кое, како што истакна, „врвни македонски, европски и светски уметници нѐ почестија со својата извонредност, тука во Охрид“.

И од тука ја промовираа македонската култура и, воопшто, вредностите на нашиот народ и држава. Ова достигнување е заслуга на генерации културни работници и поддржувачи кои со својот труд и со посветеноста се вградија себеси во мисијата на овој фестивал, рече претседателот.

Пендаровски нагласи дека организирањето на „Охридско лето“ во услови на КОВИД-19 не е воопшто лесно, но е апсолутно неопходно, зашто веќе 60 години манифестацијате е модел за врвни естетски достигнувања на меѓународно ниво.

Во исто време, ова е фестивал на креативни поединци кои се исправаат наспроти деструктивните тенденции. Се разбира дека од ваквите потфати на уметнички здружувања и политиката може да учи за тоа како се создаваат слободни, отворени, еманципирачки, динамични јадра што ја потврдуваат убавината на различностите. Нужно е да ги задржиме нивото и квалитетот што со себе ги носи фестивалот „Охридско лето“. Колку што културата ни е потребна во мирни времиња, уште повеќе ни е неопходна во време на криза, истакна шефот на државата.

Пред публиката се обрати и министерот за култура во заминување Хусни Исмаили, кој изрази задоволство што фестивалот е постар од голем дел од присутните вечерва на Античкиот театар.

– Фестивалот „Охридско лето” не се мери веќе со годините на неговите изданија, но се мери со уметничките успеси што ги носи секоја година…Јас сум силно убеден дека никој повеќе не може да не го признава престижот на фестивалот кој што денес е повеќе од очекувањата на самите основачи пред 60 години, зошто да не и повеќе од нивните соништа за еден фестивал што ќе биде уметнички амблем на Северна Македонија на уметничката светска арена, рече Исмаили, истакнувајќи дека фестивалот не успеал само заради постојаната поддршка на државата, туку пред се поради тоа што израснал од ентузијазмот и љубовта на многу луѓе кои можеби вечерва и не се меѓу нас, но со нивната посветеност овозможиле фестивалот да опстои повеќе од половина век и да создава уметници што би ги посакувала секоја светска сцена.

Во име на учесниците на Фестивалот уметничката порака ја пренесе Снежана Анастасова-Чадиковска, истакнат академски музичар, пијанист, педагог и музички публицист која зад себе има богата концертна дејност токму и на сцената на „Охридско лето“, а во својот богат минат труд е успешна и како селектор на фестивалската програма.

До 30 август на отворените сцени на Античкиот театар, Долни Сарај, Предворјето на „Света Софија“, како и во самата црква ќе настапат околу 300 уметници од 19 земји, како и голем број домашни уметници.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Уставноста на заклетвата

Дејан Дејан

Годинава скромен раст од 2, 6 отсто, Бежоска предупредува финансиските институции се уште имаат најповолни услови за позајмици

Дејан Дејан

Шестото издание на „Литера“ со повеќе новитети

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе