Постојано работиме, а првичните резултати од истрагата ќе ги соопштиме за неколку дена и ќе го известиме обвинтелството за наодите, кратко ни одговорија од МВР-одделот за борба со информатички криминал кои истражуваат каков напад е извршен врз веб страницата на ДИК и кој го извршил.
Првично истрагата се однесува на хакерски DDOS напад, односно масовен пристап од милиони украдени или клонирани ИП компјутерски адреси до сајтот со резултатите од изборите. Масовниот напад предизвика пад и замрачување на веб сајтот, а јавноста ја остави без резултати.
Но денеска до МВР, но и до ДИК и до мисијата на ОБСЕ е ипсратено известување од информатичкиот сектор на Државната изборна комисија и во него се отвораат сомнежи дека станува збор за друг вид хакерски напад, SQL Injection, односно напад врз врската со базата на податоци од изборните резултати.
Примедбите се дека во отворените веб страни на кои се прибирале резултатите имало голема безбедносна дупка, а пристап до таа таканаречена АПИ веб страна имале 80-тина компании и поединци надвор од ДИК и Дуна. Ваков сомнеж бил утврден од ИТ секторот на ДИК, а полициските специјалистички истражители ќе го проверат и тој наод иако истрагата засега е насочена и има сознанија за DDOS напад. Уште една можност отвори и претседателот на ДИК Оливер Деркоски кој најави внатрешна истрага и проверка дали некој одвнатре од ДИК им помагал на хакерите со информации корисни за уривање на компјутерската безбедност.
Никој засега не прогнозира дали и колку ниска била безбедносната заштита на информатичките системи, но епилогот е дека нема никакви последици освен привремениот дводневен мрак на веб страната со изборните резултати, за кои гарантира и ДИК и нивниот претседател Дерковски. Ноќта на изборите имаше сајбер напади и врз Телеком каде е наоѓаат серверите на МВР, врз агрегаторот тајм.мк, но и врз други веб сајтови. Групата анонимуси односно македонската филијала со име AnonOpsMKD ја презеде одговорноста за нападот врз тајм.мк, а денеска иако твитер профилот им беше затворен упатија закани за идни акции поврзани со преговорите за состав на влада. МВР тврди дека ги следи и истражува и овие инциденти и хакерски напади.
Миомир Серафиновиќ
