Наместо прашањата околу Македонија и потекло на нејзиниот народ и јазик, бугарските политички партии прв пат, по подолго време, повторно се занимаваат со реалните проблеми на граѓаните, во случајов континуираниот раст на цените и политичката нестабилност во најсиромашната членка на Европската унија. Денешните избори се четврти за 18 месеци, при што во два наврати државата ја водеше техничка влада, а единствениот кабинет успеа да го формира Кирил Петков но кој издржа само малку повеќе од седум ипол месеци пред да му биде изгласана недоверба.
Пред само неколку месеци сѐ уште беше актуелна, и до висок степен сѐ уште е актуелна, таа голем поделба од 2020 година околу „за“ и „против“ моделот на владеење во текот на последните 10 години, олицетворено од ГЕРБ и Бојко Борисов. Но, сега сепак се чини дека главното прашање е стабилизацијата, ставање под контрола на цените и справување со последиците од војната. Основната поделба во државата сега е помеѓу Исток и Запад на политичката мапа, отколку помеѓу статус квото и промените, смета политичкиот аналитичар Парван Симеонов од Галуп Интернационал.
По толку многу изборни циклуси гласачите во Бугарија се апатични и разочарани од политичарите.
Човек треба да го искористи своето право на глас. Всушност човекот треба да тргне со некаква надеж дека ќе биде подобро, и покрај тоа што дури и подоброто веќе избледува. Ние сме умерени песимисти, рече Пламен Димитров, откако гласаше во Софија.
Поради таа разочараност предизборните анкети предвидуваат ниска излезност, што многу веројатно ќе резултира со тесно мнозинство, кое исто како и во случајот со Петков и „Продолжуваме со промените“ ќе биде нестабилно. Последната анкета на Галуп покажува 6,5 проценти предност на ГЕРБ пред „Продолжуваме со промените“, која дури и да се оствари ќе биде недоволна за Борисов самостојно да формира влада, а ГЕРБ како коалиционен партнер е непосакуван од останатите политички партии.
Токму затоа се повеќе сѐ чини дека се потврдува формирање на некаква експертска, програмски фокусирана, а можеби и со ограничен рок влада, која нема да биде политички силна. Тоа е можна варијанта. Се разбира, другата можна, па дури и веројатна варијанта е да нема влада, и да одиме на нови избори, прогнозира аналитичарот Симеонов.
Иако И Борисов, и Петков, се убедени дека токму нивните партии ќе победат на денешните избори, анкетите предвидуваат и раст на проуските партии. Преродба, која во минатите избори едвај го помина прагот со освоени 4,8 проценти од гласови, на овие избори може да очекува речиси три пати повеќе гласови, затоа што последните анкети ја издигаат како четврта политичка сила во Бугарија, веднаш зад Движењето за права и слободи. Надвор од парламентот по овие избори ќе остане „Има таков народ“ на Слави Трифонов и ВМРО на Красимир каракачанов.
Игор Трајков
