Денеска Собранието нема да расправа за прогласување кризна состојба на територијата на целата држава поради состојбите со електричната енергија ниту за снабдувањето на град Скопје со топлинска енергија.
На почетокот од седницата спикерот Талат Џафери констатираше дека матичната Комисија за одбрана и безбедност се уште не ја завршила расправата по овие две точки.
Џафери предупреди дека последен рок за изјаснување на пратениците е 28 септември, за да може овие две кризни состојби да стартуваат од 1 октомври.
Владата предлага кризната состојба, настаната заради глобалната енергетска криза, да биде продолжена до 30 април наредната година.
Неопходна е заради донесување брзи и неопходни мерки.
Пратениците од мнозинството сметаат дека е потребна како помош на граѓаните и стопанството во текот на претстојната зима.
Опозицијата не е против, но предупредува дека кризната состојба не смее да се злоупотребува за криминални цели.
