Свеченоста за отворање на споменикот посветрен на борците на УЧК во Слупчане е планирана за в понеделник, на Рамазан Бајрам. Министерството за транспорт негира дека издало дозвола за изградба на споменикот како што тврди градоначалникот, а Министерството во култура воопшто не се запознаени, ниту некој побарал дозвола.
На 2 мај на големиот муслимански празник Рамазан Бајрам свечено ќе биде откриен споменик во чест на паднатите борци на ОНА. Споменикот чини 200.000 евра и е висок 20 метри.
Настанот на Фејсбук го најави градоначалникот на Липково Еркан Арифи , член на ДУИ, со пригодно видео. Тој претходно изјави дека споменикот го гради фирмата ХОЏА инженеринг и чини 200.000 евра, дека е легален и регистриран во Министерството за транспорт и врски.
- За тоа што мачениците го дадоа за нашата слобода, ние ја поставивме Спомен кулата за да го одбележиме нивното херојско дело за цел живот, Еркан Арифи, градоначалник на општина Липково.
Денес се обидовме да поразговараме со Арифи, но рече дека е зафатен и има многу обврски. Министерството за транспорт и врски пак демантира дека е побарана дозвола, ниту пак била издадена дозвола.
Во меѓувреме градоначалникот на Куманово Максим Димитриевски соопшти дека до Општина Куманово пристигнале две иницијативи за изградба на спомен обележје за загинатите припадници на безбедносните служби. Првата идеја била од Здружението на ветерани од Куманово, втората од Синдикатот на полициски службеници да се изгради споменик за загинатите бранители од конфликтот во 2001 година и загинатите полицајци во акцијата во Диво насеље од 2015 година.
ДУИ го слави 2 мај како ден на бранителите. Минатата година на 20 годишнината од воениот конфликт во 2001 година лидерот на ДУИ Ахмети, на местото на спомен кулата положи свежо цвеќе и вети дека споменикот ќе биде готов до ноември истата година, но изградбата се пролонгираше.
Нина Стефанова