Вести Култура

Комеморација за великаните на Драмски театар во празен салон

Во полупразен салон, во присуство на само неколку колеги, без најблиските соработници и членови на семејствата Драмскиот театар се збогуваше со своите великани Ристо Стефановски и актерките Сабина Ајрула Тозија,  Мајда Тушар и Видосава Грубач.

Семејството на истакнатиот театарски хроничар, долгогодишен театарски работник Ристо Стефановски кој од основањето 26 години беше директор на Драмски театар, не присуствуваше на настанот што место комеморација го најави Драмски. За Игор Стефановски, внук на Ристо Стефановски и син на Горан Стефановски ваквиот чин на збогување е понижувачки.

„Веруваме дека собирањето што го предложува Драмски, театарот којшто тој го формираше и со него ги доживеа ѕвездените мигови, не доликува, и е омаловажување, на ликот и делото не само на нашиот Ристо, туку и на глумците на театарот кои починаа во изминатите месеци“, напиша Игор Стефановски на Фејсбук.

Семејството на Сабина Тозија исто така не присуствуваше на настанот во Драмски театар.  Нејзиниот син режисерот Вардан Тозија на својот фејсбук профил напиша дека ваквиот начин на збогување со луѓе кои го оставиле својот живот за афирмација на театарот и својата земја, е воедно срам за театарот и срам за оваа земја.

„До неодамна постоеше правило како се испраќа колега, пријател, актер… очигледно, тие вредности кај некои кои раководат со театарот не значат многу. Сигурен сум дека таа на ист начин би ги бранела овие актерски, и пред се’, човечки начела кога би станало збор за нејзин соработник“, напиша на својот Фејсбук профил, Вардан Тозија. 

За директорката Катерина Коцевска-Хаџи Василева ваквото пролонгирано и заедничко збогување со Стефановски, Тозија, Тушар и Грубач е поради пандемијата со Ковид 19, најавените премиери, но и фактот дека сите тие биле не само колеги, туку и еден вид семејство.

Саво Томиќ кој веќе 40 години е дел од Драмскиот театар вели можам да го разберам револтот на семејствата, но каде се колегите и помладите генерации.

Денешниот ден страшно ме разочара. Што сме ние дали имаме душа ? Што сме изгубиле ? И страшно сум разочаран од ваквиот пристап на колегите од Драмскиот театар. Да не им дадеме почит на нашите драги колеги, изјави Саво Томиќ, шминкер во Драмски театар.

Драмски, најави дека ќе ги отвори вратите „за сите колеги, соработници, почитувачи на Драмски, без официјални покани, без билети, без протоколи“ за да оддаде „благодарност за она многу што Драмски го доби од Ристо, Сабина, Мајда, Вида“. Денешната слика во Драмски само го отвори прашањето дали знаеме достоинствено да се збогуваме со великаните и да го сториме тоа во вистинскиот миг.

Нина Стефанова

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

(Видео) Влатко Стефановски со концерт во Скопје одбележа 50 години музичка кариера

Дејан Дејан

Врзан за бандера бара правда и помош за настраданите во Кочани

Дејан Дејан

Трошановски: Сè уште е доминантно расположението на граѓаните за ЕУ, сè помалку веруваат дека реформи би нè донеле таму

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе