Во рамки на Интердисциплинарната програма „Без/редие во светот на уметноста“, вечерва, во 19 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје, предавање ќе одржи Владимир Јанковиќ, професор по Хуманистички науки на Универзитетот во Манчестер, Велика Британија.
Предавањето насловено како „Синтетички неба: спектакл, опскурност и естетското постоење на трагите“,ги проучува кондензирачките линии на небото направени од авионите, кои предизвикуваат еколошка контроверзност и внимание кај јавноста. И покрај тоа што овие појави се објаснети како најголеми човечки артефакти со значително влијание врз животната средина и атмосферата на Земјата, тие немаат негативна конотација, како другите еколошки девастирачки процеси: климатските промени, излевањето на нафтата, растот на температурите и пожарите и токсичниот отпад.
Предавањето ќе се фокусира на овие траги на небото, како естетски и еколошки показатели, кои нудат сознанија за влијанијата врз атмосферата и животната средина. Во оваа насока ќе се проследат бројни уметнички дела, кои ги интерпретираат овие појави, тргнувајќи од нивното прозаично постоење, како предмет на уметничко и естетско вреднување, се до естетизацијата на насилството врз животната средина, како процес во културата.