Владините мерки не го сопреа растот на цените на храната. По маркетите секојдневно се лепат нови цени за новите пратки на основните прехрамбени производи. А некои производи речиси и да ги нема, како маслото, кое во некои маркети го нема со денови. Но, владата не гледа вина во себе. Вели направиле се што можеле – инспекциите постојано се на терен. Прстот го впери во трговците – не биле општествено одговорни. Најави уште позасилени контроли и максимални казни.
За жал јас сум секогаш таков и останувам таков дека на другата страна не секогаш ќе имате општествено одговорни претпријатија кои општествено одговорно ќе се однесуваат. Тоа значи имаат во залихи, а не ги пуштаат во промет одредени продукти. Тешко дека ќе можеме секаде да стасаме, но таму акде што имаме информација како Влада конкретно дека има такви случаеви, инспекциските служби адекватно реагираат и ќе реагираат, вели вицепремиерот битиќи.
Битиќи вели презеле мерки за поскапувањето да не било драстично како во другите земји. А благодарение на кризата ги убедиле и другите дека ништо не се прави од денс за утре туку требаат долгорочни стратегии.
Требаше да ни се случи криза во прехрамбениот сектор за да ние сите, можеби како јавност се освестиме, дека треба да произведуваме храна. Да бидеш сточар не е неблагодарна професија, туку таа е професија, затоа што продуктите што доаѓаат од сточарство се многу битни за сите нас, рече битиќи.
Од фабриката за масло „Брилијант“ за Телма изјавија, дека дистрибуираат толку масло колку што имаат. Резервите им се за еден месец и ги распоредуваат да има за цел период. Чекаат Србија да го пушти извозот за нас, со што уверуваат ќе има масло за следните три месеци. Но цените уште ќе растат.
Во моментов ги дистрибуираме количините со кои располагаме, и внимаваме да имаме доволно, бидејќи имаме залиха за еден месец. Го чекаме увозот од Србија, но и покрај најавите тој уште не е реализиран. Со тој увоз ќе имаме доволни количини на масло за три месеци. Цените во Србија се пониски од тие во Бугарија, но сепак се повисоки од моменталните кај нас. Сега нашето масло се продава по 115 денари без ДДВ. А со тој увоз цената на маслото ќе оди нагоре. Ќе се направат анализи ќе одиме со некоја средна цена, изјави Коста Ташков, директор на „Брилијант“
Влдата донесе повеќе одлуки за да го заштити стандардот на граѓаните, но цените на храната глобално и кај нас растат. Некои прозиводи се продаваат по набавна цена и со 0 проценти ДДВ,, а за некои производи е скратена профитната маржа. Минатата недела пак донесе одлука да ги ограничи и оперативните трошоци за храната. Па така сега тие не смеат да бидат повисоки од 20% за трговијата на големо, и 15% за трговијата на мало за производите кои се со замрзнати маржи. Одлуката дојде откако пазарните инспектори се пожалиле дека некои трговци пресметувале и до 50 проценти оперативни трошоци и токму на производите кои се на листата на „заштитени“ со владините одлуки.
Александра Филиповска
