Романот „Денот на црвот“ претставува успешно книжевно остварување во кое авторката на умешен начин комбинира различни приказни, човечки судбини и егзистенцијални ситуации, се наведува во образложението на жири комисијата за наградата „Роман на годината“ во организација на Фондацијата за унапредување и и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
„Композициски, книгата може да се чита како еден вид книжевна симфонија во која голем број елементи дијалогизираат едни со други, на моменти се оддалечуваат и се доближуваат, за повторно да се спојат во една смисловна целина. Романот е богат на ниво на стил, книжевна постапка, тон на раскажување, а хуморот, иронијата, суптилната пародија се само некои од стратегиите што авторката ги користи за да го збогати читателското искуство и да го нијансира значењето на текстот“ – изјави минатогодишниот лауреат, Владимир Јанковски.
Романот беше пишуван во еден специфичен период, за време на пандемијата, кога станав мајка по втор пат, градинките беа затворени, период со многу нови предизвици за мене, вели Јованоска.
„Во еден таков исклучително тежок период за мене, кој можеби во сите други ситуации би ме бутнал, кај мене делуваше обратно. Ме поттикна, ми беше како тригер, да напишам нешто и да си помогнам пред се себеси. Да си ја канализирам новонастанатата ситуација и мислите кои ми доаѓаа и драго ми е што од таков период излезе за мене една таква мала победа, поточно голема победа“ – вели добитничката на наградата, Симона Јованоска.
Наградата „Роман на годината“ годинава се доделува по 23-ти пат и се состои од плакета, статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Нина Стефанова