Чад, ужасна миризба и секаков вид на отпад е секојдневие на жителите од скопската населба Маџари. Сешто се пали на чекор од нивните домови, а токму луѓето од диво населените места во непосредна близина ја предизвикуваат таквата „еколошка бомба“. Дивата депонија „Вардариште“ со години служи како претоварна станица каде што се носи отпад пред да биде пренесен на Дрисла. Но, голем дел од истиот не завршува на таа локација.
Инспекторите не можат да ги казнат лицата кои палат отпад во ситуација кога тие не поседуваат ниту лични карти. Некои од комуналните инспектори на Град Скопје по пријава пристигнале на терен, а завршиле во болница откако биле натепани со шипки, вели првиот човек на градскиот инспекторат, Мирослав Богдановски. Градоначалникот Петре Шилегов е свесен за проблемот, но тврди – преголема инвестиција е расчистувањето на просторот и товарот не може да падне само на градската каса.
Отпадот од претоварната станица за отпад е во надлежност на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Комуналниот отпад собран во скопските општини се префрлува директно во специјален затворен контејнер со капацитет од 15 тони пред да биде однесен на депонијата Дрисла.
Петар Догов