Загадувањето на воздухот во Западен Балкан предизвикува голем број предвремени смртни случаи, а последиците вклучуваат пократок животен век и влошување на јавното здравје, е заклучокот од студијата на регионалната кампања „Обединет Балкан за чист воздух“.
Лошиот квалитет на воздухот во регионот предизвикува повеќе од 30.000 предвремени смртни случаи, а животниот век е намален за 1,3 години во земјите од Западен Балкан.
Затоа е неопходно итно да се подобри квалитетот на воздухот и јавното здравје, преку надградба на здравствените системи, се вели во заклучокот.
Во студијата е посочено дека само електраните на јаглен на Западен Балкан предизвикуваат економска штета која се движи помеѓу 1,2 и 3,4 милијарди евра годишно за трошоците за здравствена заштита. Да се постави намалувањето на загадувањето на воздухот како национален, регионален и меѓународен приоритет и да се интегрира во сите процеси на планирање е првото барање на кампањата. Второто барање е да се зголемат буџетските средства за контрола на загадувањето и да се воспостави систем за следење на загадувањето и неговите здравствени ефекти.