Се бројат часови, се трошат пследните залилихи природен гас, а Владата и Регулаторна се уште без решение како 54.000 домаќинства во Скопје викендов да не останат без парно греење. БЕГ вели, пари за набавка на гас нема, и може да грее до денеска. Бара државата времено да го преземе управувањето со компанијата до завршувањето на кризната состојба . Но, Регулаторна ќе чека Бег да ги остави ладни радијаторите на скопјани, па потоа ќе покрене постапка за одземање на лиценцата на компанијата. Денеска молк и од Владата и од Регулаторна – велат кога ќе имаат одлуки ќе ја информираат јавноста.
Вчера првиот човек Марко Бислимоски за „СДК“изјави дека “Балкан енерџи груп” ќе остане без лиценца во моментот кога ќе престане да испорачува топлинска енергија во Скопје, а одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе ја преземе Владата.
„Предлогот што го понуди БЕГ за Регулаторната комисија е неприфатлив, имајќи предвид дека сите опции што ги понудија и Регулаторната комисија и Владата, БЕГ и ТЕ-ТО ги одбија. Се разбира дека одговорноста за снабдување со топлинска енергија ќе си ја преземе Владата кога веќе БЕГ кажува дека тоа нема да може да го прави од сабота, но затоа Регулаторната комисија ќе им ја одземе лиценцата за работата. Дополнително, нека не очекуваат некој друг да им го реши проблемот за тие во мај да се вратат како принцеви на бели коњи. Сè што треба да преземе државата за да си ги заштити граѓаните, ќе преземе“, изјави Бислимоски.
Ова следуваше откако И БЕГ и ТЕ-ТО се изјаснија дека владиниот предлог за решавање на проблемот и со струјата и со парното е неприфатлив.Владата донесе одлука ТЕ-ТО да работи и за викенд и да го продава вишокот на струја на ЕСМ, а со тоа да се обезбеди и топлинска енергија за скопјани да не останат без парно. Бег се изјасни дека има гас уште само за денеска и дека од утре ќе го исклучат парното за скопјани.
Немаме повеќе ресурси да обезбедување финансирање на грејната сезона без државна помош за компензирање на тарифита за производство на топлинска енергија со што не ќе можеме да продолжиме со производство на топплина. За да се обезбеди непрекинато производство на топлинска енергија, предложивме Владата да ја превземе во времено управување компанијата почнувајќи од 14.01.2022 се до завршување на кризната состојба во оваа грејна сезона- соопшти БЕГ.
И од ТЕ-ТО изразија незадоволство од владината одлука. Иако од Владата посочија дека цената по којашто Те-То ќе ја продава струјата на ЕСМ не смее да надмине 170 евра, од компанијата појаснуваат дека струјата не може да ја продават за цена под производствената која во моментот изнесува 251 евро.
И додека Владата и Регулаторна одржуваат состаноци зад затворени врати – и најавуваат дека ќе ја информираат јавноста како ќе се реши проблемот откако ќе имаат одлуки, граѓаните се во паника. Бараат алтернативни начини за греење, во случај викендов да останат без парно. Она што за сега се знае е дека Бег беше дециден – од утре ќе го исклучат парното за 54.000 домаќинства, 95 образовни установи и 1.027 други објекти во главниот град.
Александра Филиповска