Вести Свет Топ вести

Франција е подготвена да ги заостри ограничувањата за патниците од В.Британија

Франција е подготвена да ги заостри ограничувањата за патниците кои пристигнуваат од Обединетото кралство со цел да се забави ширењето на Омикрон варијантата на коронавирусот. Бројот на потврдените случаи на Омикрон во моментов е многу повисокот во Британија отколку во Франција. Патниците ќе мора да имаат цврста причина за влез во Франција и притоа да приложат тест не постар од 24 часа, а предвиден е и седумдневен карантин.

Франција ќе воведе нови поостри ограничувања за патниците кои доѓаат од Велика Британија поради брзото ширење на на Омикрон варијантата на коронавирусот. Портпаролот на француската влада изјави дека ограничувањата кои предвидуваат најмалку 48-часовна изолација при негативен ковид тест, ќе стапат на сила во сабота.

  • Ќе воспоставиме контрола на границата со Обединетото Кралство уште подрастична од онаа што постои денес. Што значи тоа? Тоа значи дека ќе ја намалиме валидноста на тестовите за влез во Франција. Од досегашните 48 часа ќе преминеме на 24 часа. Тоа значи дека ќе ги ограничиме причините што им дозволуваат на луѓето да доаѓаат од Обединетото Кралство во Франција, изјави Габриел Атал, портпарол на француската влада.

Како што открива Грабриел Атал од сабота сите кои не се државјани или немаат престој во Франција, како и членови на нивните семејства ќе треба да приложат цврст доказ за патување во Франција – туризмот и службените патувања не се сметаат за итни причини. А за останатите е предвиден карантин од една недела, којшто може да биде скратен на два дена доколку лицето има негативен тест. Мерките ќе важат како за вакцинираните, така и за невакцинираните луѓе.

  • Ќе биде потребна регистрација на платформата со апликација која ќе генерира одлука за изолација. Тоа значи дека оние кои пристигнуваат од Обединетото Кралство мора да се изолираат седум дена на место што ќе го изберат и ќе бидат проверувани од безбедносните сили, но оваа изолација може да заврши по 48 часа ако се направи негативен тест веднаш по пристигнувањето во Франција, изјави Габриел Атал, портпарол на француската влада.

Француската влада утре ќе одржи состанок на кој ќе ја разгледа состојбата со ширењето на корона вирусот, бидејќи во текот на последните недели се повеќе расте притисокот врз болниците. Додека Омикрон се повеќе се шири во Британија, во Франција делтата е се уште доминантна варијанта. Британија вчера пријави рекордни 78.610 нови случаи на Ковид, од кои 10.000 се потврдени како инфекции со Омикрон. За споредба Франција пријави 65.713 нови случаи на Ковид, од кои само 240 случаи се заразени со Омикрон.

Билјана Ставрова

 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Цената на нафтата скокна над 85 долари

Kristina Kuzmanovski

Вучиќ: Брисел треба да ги прими земјите од Западен Балкан заедно

Kristina Kuzmanovski

(Видео) Изгласан ДУП-от за Барутана кој предвидува изградба на 24 хациенди на Водно

Kristina Kuzmanovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе