Лидерите на ЕУ денеска, на нивниот последен состанок годинава во Брисел, ќе разговараат за пандемијата, цените на енергијата и за безбедносни прашања.
Главна тема ќе биде борбата против Ковид-19. Тие ќе се запознаат со последните оценки за состојбата на енергетските пазари и ќе разговараат за предлозите на Европската комисија за спротивставување на ценовниот притисок.
Европскиот совет ќе разговара и за соработката со земјите кои не се членки на ЕУ за миграцијата. На средбата ќе се разговара и за ситуацијата што ја предизвика Белорусија на границата со ЕУ, како и за дејствијата на Русија на границата со Украина. Но она што ќе заземе најголем дел од дискусиите е борбата со пандемијата и можноста за воведување задолжителна имунизација, но не се очекува да се донесат одлуки. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен очекува Омикрон да стане доминантна варијанта во Европската Унија до средината на јануари и оти се подготвени да се борат со зголемена вакцинација.
Таа информираше дека досега повеќе од 300 милиони Европејци или 66,6 отсто од популацијата на ЕУ се целосно имунизирани против Ковид-19, а 62 милиони веќе примиле засилена доза од вакцината. ЕК ќе почне и со онлајн информативни кампањи, со цел да ги убеди луѓето да се вакцинираат.
