Денарот ќе биде стабилен, уверува гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска Бежоска. Таа со оптимистичка проекција дека откако по ревидирањето на стапката на инфлација, за годинава се предвидина стапката да достигне 3,1%, а следната 2,4%. На почетокот на идната година се очекува стабилизација на цените на храната и енергенсите кои имаат големо влијание и врз дефицитот, но врз економскиот раст за кој гувернерката очекува догодина да се врати на предпандемиското ниво.
Инфлацијата останува умерена – тековните ценовни притисоци на глобален план се од привремен карактер и се очекува стабилизација во текот на следната година, соопштија од Народната банка откако Советот на Народната банка одржа редовна седница на која беше разгледан и усвоен најновиот Квартален извештај во чии рамки се вклучени и најновите макроекономски проекции.
-Инфлацијата останува во контролирани рамки. Најновите проекции упатуваат на умерена инфлација од 3,1% во 2021 година. Најголемиот дел од тековните нагорни притисоци се должат на фактори на страната на понудата, поврзани со движењата на цените на примарните производи на светските берзи, со пренесениот ефект од минатогодишното зголемување на цените од регулаторна природа, како и од одредени фактори специфични за пандемиската криза, а во услови на олабавување на рестриктивните мерки, анализираат од НБРСМ.
Народната банка очекува следната година, нормализација на овие фактори и забавување на инфлацијата, при што би се свела на 2,4%, а потоа постепено на околу 2% на среден рок. Истовремено, не се очекуваат позначителни пренесени ефекти од моменталниот раст на цените, со оглед на оцените за умерено закрепнување на побарувачката.
Најновите очекувања на Советот за економскиот раст се непроменети во однос на априлските проекции, при што за следната година и натаму се очекува целосно враќање и надминување на преткризното ниво.
-Во согласност со вградените претпоставки за надворешното окружување и домашните фактори, во оваа и следната година, економската активност ќе расте со идентична стапка на раст од 3,9% и постепено ќе достигне стапка од 4%, на среден рок, се проекциита на Народната банка.
Во целиот период на проекциите, се очекува дека растот и натаму ќе произлегува од домашната побарувачка, додека нето-извозот ќе има негативен придонес кон растот во периодот на проекции. Имено, закрепнувањето на странската побарувачка би делувало стимулативно на извозната активност, но со оглед на високата увозна компонента на извозот, но и побрзото закрепнување на домашната побарувачка, се очекуваат и поголеми увозни притисоци, прогнозира НБРСМ.
Показателите за адекватноста на девизните резерви упатуваат на нивно задржување во сигурната зона во текот на целиот период на проекции, што дополнително упатува на стабилноста на домашната валута – денарот.
Дефицитот се зголемува иако според Народната банка умерено, причина е покачување на цените на храната и на енергијата во светски рамки.
-Дефицитот на тековната сметка и натаму би бил во умерени рамки, но на нешто повисоко ниво од минатата година (3,8% од БДП), а на среден рок би изнесувал околу 2% од БДП, слично на преткризното ниво. Проширувањето на дефицитот е пред сѐ одраз на повисокиот трговски дефицит при пораст на светските цени на храната и енергијата, привремен застој кај синџирите за снабдување којшто го забавува извозот и на постепеното закрепнување на домашната побарувачка. Овие ефекти се во голема мера неутрализирани со побрзото закрепнување на приватните трансфери, како и подобриот нето-извоз на услуги. Дефицитот на тековната сметка, како и во преткризниот период, ќе биде во целост финансиран од приливите во финансиската сметка, што ќе овозможи натамошен раст на девизните резерви на среден рок, стои во соопштението на Народната банка.
Oценките се проследени со висока неизвесност, при што ризиците се претежно надолни и се поврзани пред сѐ со натамошниот развој на пандемијата и нарушувањата во глобалните синџири на снабдување и производство. Народната банка продолжува со внимателно следење на движењата и ризиците од домашното и надворешното окружување, заради соодветно приспособување на поставеноста на монетарната политика.