Твитер налозите на едни од најбогатите луѓе на планетата беа хакирани заедно со поранешни и сегашни политичари и транснационални компании, како дел од измама со биткоини. Твитер се уште не знае како се случил нападот, кој според експертите е досега најголемиот извршен врз платформата.
Официјалните налози на твитер на милијардерите Бил Гејтс, Елон Маск и Џеф Безос, поранешниот претседател на САД Барак Обама и сегашниот претседателски кандидат на Демократите, Џо Бајден, но и глобални компании како „ЕПЛ“ и „Убер“, синоќа беа хакирани како дел од измама со донации во биткоини. Во обид да се справи со нападот Твитер беше принуден да го ограничи пристапот на дел од корисниците на социјалната платформа. Ова не е прв пат твитер корисници да бидат хакирани, но до сега никогаш не се случило да бидат преземени толку многу налози на познати личности, за кои експертите тврдат дека се најзаштитени на платформата.
„Познатите корисници како овие се едни од најзаштитените на социјалните медиуми. Ако се сеќавате пред неколку години кога вработен во Твитер го исклучи профилот на Доналд Трамп, тоа предизвика голем бес. Сега, помножете го тоа со не знам колку налози кои беа преземени денес, но имаше повеќе од 10 каде видовме некои многу познати личности“ – Рајан Мек – Базфид Њуз.
Хакерите кои го извршиле нападот се се уште непознати и според првичните информации успеале да соберат најмалку 100.000 долари во донации.
Извршниот директор на Твитер, Џек Дорси, чиј налог минатата година беше цел на хакерски напад, соопшти дека платформата повторно го обезбедила пристапот на корисниците, но се уште не знаат како се случил нападот. Според сајбер експерти ваков голем напад можел да биде извршен само доколку напаѓачите успеале да администраторски овластувања на платформата, што значи дека бил направен сериозен безбедносен пропуст.
Игор Трајков