Жестока јавна дебата за издавањето на новата А-интегрирана дозовола за „Титан УСЈЕ“. Граѓаните и екоактивистите упатија бројни забелешки и побараа построги услови за работа на цементарницата. Активистите сакаа да презентираат и снимки од загадување, но тоа не им беше дозволено.
„Ние сами измеривме и дојдовме до сериозно високи бројки. Не директно од оџакот, туку од облакот што се создава од него. Не влеговме во инсталацијата, бидејќи немаме пристап. Но, успеавме на границата да полетаме и да влеземе во црниот чад облак на 9 мај. Тогаш и ви поднесовме пријава, но не ви го испративме ова видео кое е снимено со дрон. Доколку ни дозволите, ние сега пред сите би го пуштиле да го погледнат“, нагласија од граѓанската иницијатива „Стоп за УСЈЕ“.
„За видеото мислам дека имаме веќе договор идната недела ќе дојдете во Министерството за животна средина да го презентирате“, им возрати Беса Татеши од министерството за животна средина и просторно планирање.
„Да, сме за циркуларна економија, но кога УСЈЕ би се наоѓал надвор од Скопје и под услов да ги исполнува сите европски стандарди, да се знае јавно“, изјави Татјана Чакулев од „О2 Иницијатива“.
Надлежните од Министерството за животна средина кои треба да ја обноват А-интегрираната дозвола на УСЈЕ им порачаа на говорниците да не коментираат за граничните вредности кои сега не се познати.
„Значи гранични вредности во барањето не се очекуваат. Затоа ниту ги побаравме, ниту пак имаме намера да ги побараме. Туку нив ги поставува надлежниот орган“, нагласи Беса Татеши од министерството за животна средина и просторно планирање.
Ова наиде на критика од присутните кои револтирано прашаа како може да се зборува за барање и обнова на дозвола, ако не се знаат гранични вредности. Надлежните останаа на ставот дека ги запишале сите забелешки од дебатата за кои подоцна ќе ги разгледаат.
Тамара Марковска
