ВМРО-ДПМНЕ обвини дека СДСМ и Левица со поднесување на голем број амандмани го блокираат донесувањето на новиот Изборен законик и реформскиот процес, оценувајќи дека тоа е мотивирано од политички интереси.
Во партиското соопштение се наведува дека измените на Изборниот законик со месеци биле усогласувани со учество на сите политички партии, но дека опозицијата сега го кочи нивното усвојување.
„СДС и Левица, предводени од Венко Заев и Апасиев, настапуваат синхронизирано во обидот да го блокираат донесувањето на новиот Изборен законик. Со поднесување на десетици илјади амандмани тие го кочат законското решение кое со месеци беше усогласувано со учество на сите политички партии“, се наведува во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ тврдат дека СДСМ се противи на електронското гласање на дијаспората поради страв од изборен пораз.
„Стравот од уште поголем пораз на Венко Заев и СДС ги притисна да се противат на електронско гласање на дијаспората, затоа што токму тие луѓе заминаа од државата поради нивното катастрофално раководење со Македонија“, велат од партијата.
Во соопштението се упатуваат критики и кон Левица, за која ВМРО-ДПМНЕ тврди дека имала забелешки околу финансирањето на изборната кампања и покрај тоа што, според нив, претходно прифатила договорени решенија.
Според ВМРО-ДПМНЕ, наместо конструктивен придонес во реформскиот процес, СДСМ и Левица избираат политички блокади кои, како што наведуваат, се на штета на државата и нејзините европски обврски.
