СДСМ упати остри критики до премиерот Христијан Мицкоски по неговите изјави за инвестиции во дигитализација, иновации и луѓе, оценувајќи дека зад најавите се кријат политики кои, според партијата, ќе ја продлабочат енергетската криза, ќе ѝ наштетат на животната средина и нема да го спречат иселувањето на младите.
Од СДСМ прашуваат на што точно мисли премиерот кога зборува за инвестиции во дигитализација, наведувајќи дека дата центрите трошат огромни количини електрична енергија и вода.
„Дата центрите трошат огромни количини на електрична енергија – колку цели градови, во момент кога Македонија веќе има сериозни проблеми со производство на струја и секојдневно увезува. Наместо зелена транзиција, добиваме нови загадувачи кои ќе ја уништат природата за профит на странски компании“, наведуваат од СДСМ.
Во соопштението партијата ја критикува и владината политика за ангажирање странска работна сила, тврдејќи дека наместо мерки за задржување на младите, се создава простор за увоз на работници од трети земји.
Според СДСМ, Владата веќе ја зголемила квотата за странски работници на 10.000 во 2026 година, а најавени биле и дополнителни 50.000 економски работници во наредниот период.
„Мицкоски нема иновации. Мицкоски нема стратегија за задржување на младите. Мицкоски има само план за увоз на нова работна сила која ќе ја замени онаа што ја избрка со својата политика. Наместо да инвестира во македонските граѓани, тој ја отвора вратата за странски работници“, велат од СДСМ.
Од опозициската партија порачуваат дека ваквите политики не претставуваат инвестиции во луѓето, туку, како што наведуваат, „замена на луѓето“.
