Џулијан Нагелсман се очекува да ја напушти селекторската функција во германската фудбалска репрезентација по елиминацијата од Парагвај во првата нокаут-рунда на Светското првенство 2026 година.
Иако стратегот првично најави дека не сака да се откаже од селекторската позиција, работите се промениле по состанокот со челниците на Фудбалската федерација на Германија. Според германските медиуми, разделбата е веќе договорена, а официјална потврда се очекува наскоро.
Германија не блескаше на турнирот во САД, Мексико и Канада, а сите проблеми излегоа на површина против Парагвај. Натпреварот заврши 1-1 по регуларните 90 минути и продолженијата, а јужноамериканската селекција славеше со 4-3 во пенал-серијата.
Нагелсман ја водеше Германија од септември 2023 година, шест месеци откако беше отпуштен од Баерн Минхен. На Европското првенство 2024 година, што се играше токму во Германија, неговиот тим беше елиминиран во четвртфиналето од подоцнежниот европски шампион Шпанија.
Според шпекулациите, главен кандидат за нов селектор на Германија е Јирген Клоп. Поранешниот тренер на Борусија Дортмунд и Ливерпул моментално работи во спортското семејство на Ред Бул, но германските медиуми пишуваат дека во неговиот договор има клаузула што би му овозможила да го прекине ангажманот доколку добие понуда да ја преземе германската репрезентација.
