Шпанија и Португалија ќе играат меѓу себе во осминафиналето на Светското првенство 2026 година, откако синоќа успешно ја минаа првата нокаут-рунда. Пласман во следната фаза обезбеди и Швајцарија, која без поголеми проблеми го елиминираше Алжир.
Шпанија одигра доминантен натпревар против Австрија и славеше со убедливи 3-0. Микел Ојарзабал беше двоен стрелец, а во листата на стрелците се запиша и Педро Поро. „Црвената фурија“ имаше целосна контрола на играта, а Австрија речиси и да не успеа сериозно да се закани кон шпанскиот гол. На Шпанија во првото полувреме ѝ беше поништен и гол на Марк Кукуреља поради прекршок врз голманот Александер Шлагер.
Многу подраматично беше на дуелот меѓу Португалија и Хрватска, кој заврши со победа на Португалците од 2-1. Хрватска поведе преку Иван Перишиќ во второто полувреме, но Кристијано Роналдо израмни од пенал во 68-та минута со неговиот прв гол во елиминациите во историјата на Светските првенства. Победата на Португалија ѝ ја донесе Гонсало Рамош со удар со глава во судиското продолжение. Хрватите во самиот финиш помислија дека стигнаа до израмнување, но голот беше поништен по интервенција на ВАР поради офсајд.
Швајцарија без многу драма го совлада Алжир со 2-0 и исто така продолжува во осминафиналето. Бреел Емболо погоди уште во 10-тата минута по асистенција на Јохан Манзамби, а Дан Ндоје на стартот од второто полувреме го постави конечниот резултат. Швајцарците со оваа победа ја продолжија добрата серија на Мундијалот и во следната рунда ќе играат против победникот од дуелот меѓу Колумбија и Гана.
