Повеќе реакции се појавија во јавноста откако Вишиот управен суд ја поништи одлуката за престанок на важноста на спојувањето на концесиите за рудникот Иловица. Од еколошкото здружение „Здрава котлина“ изразуваат загриженост поради судската одлука и најавуваат дека будно ќе ги следат сите понатамошни постапки поврзани со проектот, оценувајќи дека заштитата на животната средина и здравјето на граѓаните мора да останат приоритет.
Од „Здрава Котлина“ ја обвинуваат Владата дека не ја искористила можноста да поднесе приговор и дека дозволила да истечат роковите, а притоа сега се повикува на почитување на законите.
- Здрава котлина: 10 години поминати рокови, заложена македонска земја како колатерал кај странците, 75% попуст на рудата, целосната несоодветност на студиите, земањето на струмичката вода од Турија, појавувањето на 22 литра во секунда силна киселина што ќе тече во наредните 500 години итн… Затоа ли спремавте измените на Законот за минерални суровини за надминување на експропријација за добивање дозвола?
До вакви реакции дојде откако Владата вчера беше официјално информирана од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини дека Вишиот управен суд донел конечна пресуда со која се поништува одлуката за престанок на важноста на спојувањето на концесиите за рудникот Иловица. Со тоа се отвора ново поглавје во долгогодишниот спор околу проектот на „Еуромакс Рисорсис“.
Според Владата, станува збор за предмет кој произлегува од одлуки донесени во 2023 година. Тогаш, во јуни било одобрено спојување на концесиите, а само еден месец подоцна била донесена одлука за нивен престанок. По овие одлуки следувала судска постапка која завршила со пресудата на Вишиот управен суд.
Од Владата велат дека ја разбираат загриженоста на локалното население и граѓанските организации и уверуваат дека сите идни чекори ќе се спроведуваат транспарентно, врз основа на стручни анализи, законските процедури и институционалните надлежности.
Сузана Мицева
Б.С.
