Министерството за дигитална трансформација и ФИНКИ денес официјално го означија почетокот на проектот „Везилка“ – првиот Национален центар за вештачка интелигенција во Македонија, кој ќе претставува клучна национална инфраструктура за развој на знаење, иновации и примена на вештачката интелигенција.
Проектот се реализира како стратешко партнерство меѓу Владата, Министерството за дигитална трансформација, академската заедница и Европската Унија. Негов носител е Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ), а истиот е избран за финансирање преку програмата Horizon Europe и иницијативата EuroHPC, како дел од европската мрежа на AI Factory Antennas.
Во своето обраќање, министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски истакна дека „Везилка“ е системска инвестиција во иднината на државата.
- „Денес поставуваме темел на една нова национална инфраструктура за знаење, иновации и технолошки развој. Ова е проект што ги поврзува науката, технологијата, институциите, бизнисот и младите таленти во заедничка визија за иднината. Визија во која Македонија не е само корисник на новите технологии, туку нивен активен создавач“, истакна Андоновски.
Министерот нагласи дека преку „Везилка“, Македонија станува дел од најамбициозната европска иницијатива во областа на вештачката интелигенција и добива директен пристап до европски суперкомпјутери, напредни податочни простори и современи алатки за развој и тестирање на ВИ модели.
Посебен акцент беше ставен на развојот на македонски јазични модели и дигиталното присуство на македонскиот јазик во идните генерации на системи за вештачка интелигенција.
- „Во ерата на вештачката интелигенција, дигиталното присуство на македонскиот јазик станува прашање на зачувување на културниот идентитет. Нашата цел е македонскиот јазик да биде рамноправно присутен во идните генерации на ВИ системи“, истакна министерот.
Покрај научната и технолошката компонента, проектот ќе овозможи развој на решенија во здравството, енергетиката, земјоделството и јавната администрација, како и воспоставување центар за обуки, трансфер на знаење и развој на човечки капитал.
Во своето обраќање, претседателот на Владата, проф. д-р Христијан Мицкоски, истакна дека „Везилка“ претставува инвестиција во знаење, во луѓе и во капацитетот на Македонија да биде дел од европските и глобалните технолошки текови, потенцирајќи дека идната конкурентност на државите ќе зависи од нивната способност да инвестираат во иновации, истражување и таленти.
Проектот „Везилка“ ќе биде поврзан со европската AI фабрика „Фарос“ во Грција и ќе стане дел од поширокиот регионален и европски екосистем за вештачка интелигенција, отворајќи нови можности за македонските истражувачи, компании, стартапи и институции.
Министерството за дигитална трансформација останува посветено на создавање на современа дигитална држава, заснована на знаење, иновации и добро управување, во која новите технологии ќе бидат ставени во служба на граѓаните, економијата и долгорочниот развој на Македонија.
