Претставник на амбасадата на Бугарија вчера бил повикан на разговор во македонското министерство за надворешни работи, по протекувањето на дипломатската нота од бугарска страна на портали со лични податоци за патувањето во јануари на сопругата на македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, со нивниот малолетен син во Бугарија.
Шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски, не сакаше да открие што било кажано од бугарска страна на состанокот, но посочи дека се уште немаат објаснување и официјален одговор од Софија за скандалот.
- „Очекуваме не само објаснување, туку една темелна истрага како е дојдено до оваа ситуација, бидејќи ќе повторам, и согласно меѓународното право, вакво нешто е неприфатливо во меѓусебни односи во две држави, независно од тоа што тие имаат меѓусебни политички тензии. Држави кои што војуваат меѓусебно, па ваков тип на документи не излегуваат во јавност“, рече Муцунски.
Шефот на дипломатијата сугерираше извинување од страна на Бугарија, велејќи дека да му се случело нему вакво нешто како министер, најмалку што би направил е да се извини.
Муцунски кој денеска даваше отчет за сработеното за две години влада, генерално за дијалогот со Бугарија во изминатиот месец рече дека добива на динамика по различни теми, но по прашањето за европската интеграција на Македонија ставовите се сосема различни, со различно толкување на европските обврски на двете страни.
- „Треба да се најде соодветен механизам да се разјасни сето тоа. Го немаме луксузот да бидеме песимисти, особено во време кога постои навистина, како што реков, висок степен на мотивација кон земјите од регионот и поширок импетус од страна на земјите-членки и институциите на ЕУ“, рече Муцунски.
Муцунски појасни дека позицијата на Софија е дека уставните измени и Акцискиот план за малцинствата не се единствени прашања од билатерална природа кои тие ги толкуваат како европски. За тоа што е спорно за Бугарија во Акцискиот план за малцинствата на Македонија, поради што не дава зелено свето во Европскиот совет за документот да биде усвоен, Муцунски рече дека не може да идентификува суштинска пречка од експертска природа во документот.
Тој по отчетот информираше дека 16 дипломатско-конзуларни претставништва на земјава се со испразнети места шеф на мисијата, меѓу кои и во Софија, откако и заврши мандатот на амбасадорката, Агнеза Руси Поповска. Муцунски информираше дека веќе е определен кандидат за амбасадор во Софија, кој доаѓа од редовите на професионалните дипломати во МНР.
Тамара Грнчароска
Б.С.
Мицкоски го информирал НАТО за објавена дипломатска нота за патување на сопругата и синот
