Силното невреме проследено со пороен дожд, кое синоќа ја зафати Битола и околината со повеќе од 40 литри дожд на метар квадратен, предизвика сериозни оштетувања на повеќе улици во градот. Најголеми штети се забележани на улицата „Дебарска“ каде што водата однесе голем дел од коловозот.

Жителите велат дека со години предупредуваат дека на овој потег од околу 150 метри има потреба од целосна реконструкција.
Според нив, улицата била асфалтирана во 1974 година и оттогаш не е извршена посериозна санација, ниту е обновена водоводната мрежа со дотраени азбестни цевки.

По невремето, екипи на јавните претпријатија „Нискоградба“, „Водовод“ и „Комуналец“ се на терен и работат на отстранување на последиците.
- „Силните и интензивни врнежи меѓу 22 и 1 часот предизвикаа оштетувања на коловозот во делови од населбите Баир и Бадембалари, на улиците „Дебарска“, „Бихаќ“ и „Караорман“. Дел од оперативата работи и на потегот Кравари – Бистрица. Заедно со директорите сум на терен со цел координирање и што побрзо санирање на состојбите“, соопшти градоначалникот Тони Коњановски.

Жителите, пак, очекуваат покрај итната санација на оштетувањата, конечно да започне и целосна реконструкција на улицата, за, како што велат, вакви сцени да не се повторуваат при секој посилен дожд.
Емилија Мисирлиевски
Б.С.
