По инцидентот со пропаѓањето на тротоарот на булеварот „Теодосиј Гологанов“, градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски најави иницијатива за законски измени со кои би се зајакнал надзорот над градилиштата и би се подобрила безбедноста во градот.
Тој оцени дека постојниот систем не овозможува ефикасна контрола, посочувајќи дека градот нема сопствена градежна инспекција, а општините располагаат со ограничени кадровски ресурси.
„Како претседател на ЗЕЛС, во четврток ќе побарам законски измени од Министерството за транспорт. Проблемот е што градот Скопје нема градежна инспекција, а општина Центар имала само еден инспектор кој бил на боледување“, изјави Ѓорѓиевски.
Тој предлага инспекцискиот надзор да биде централизирано организиран на ниво на Град Скопје.
„Сакам централизација на инспекцијата во градот Скопје каде ќе има над 20 инспектори, видео мониторинг и задолжителен депозит од градежниците“, рече Ѓорѓиевски.
Според него, воведувањето видео надзор на градилиштата и гаранциски фондови од инвеститорите би овозможило побрзо утврдување на одговорноста и покривање на евентуалните штети предизвикани од градежните активности.
Т.Д.
