Вести Македонија Топ вести

Инсектицид ланате содржеле парчињата салама кои ги најдоа деца во Расадник, потврди Институтот за судска медицина

Институтот за судска медицина утврди дека во парчињата салама што ги најдоа деца во Расадник, Кисела Вода, во близина на детско игралиште, има присуство на инсектицидот метомил (во јавноста познат како ланате).

Станува збор за високо токсичен инсектицид, одамна забранет за употреба и за увоз во земјите на ЕУ и во Македонија, поради неговата енормна токсичност и можност за злоупотреби, најмногу со цел да се трујат животни.

Во Расадник такво масовно труење имаше на 15 мај, кога угинаа повеќе домашни и улични кучиња и мачки, а отровот беше расфрлан и пред влезови од зградите. По ова, совесни граѓани преку флаери залепени на речиси секој влез во Расадник предупредија да се внимава на расфрлена храна со бела прашкаста материја, па така и децата кои сега ги пронашле парчињата салама, веднаш ги известиле родителите.

Загрижените родители се обратија до ЈП Лајка, по што сомнителната храна ја однесовме во Институтот за судска медицина на токсиколошко испитување. Таму се потврдија сомнежите дека станува збор за ланате – отров од кој животните умираат во агонија, со нагло паѓање или губење сила, пена од уста, грчеви, неконтролирано мокрење/дефекација и гушење.

Тој е опасен при голтање, вдишување и контакт преку кожа, а само еден грам од овој инсектицид може да предизвика смрт кај човек од 70 килограми.

Со оглед на сѐ поголемата злоупотреба на овој инсектицид, се надеваме на превенција, соработка и навремена реакција од сите надлежни институции, со цел да се утврди кој ја расфрла отровната супстанца на јавни површини и како истата се внесува во земјава.

Труењето со ланате во современите држави веќе не се третира само како злоупотреба на пестицид, туку и како еколошки криминал, кривично дело и опасност по јавното здравје, а во Македонија веќе има примери за смртни последици по луѓе кои дошле во допир со овој инсектицид, соопштуваат од ЈП Лајка.

За расфрлањето на вакви отрови, предвидени се затворски казни, според членот 232 од Кривичниот законик – за неовластено производство, постапување и промет со опасни материи.

ЈП Лајка изразува сериозна загриженост, бидејќи во случајов не се загрозуваат само животите на домашните и улични животни, туку и животите на сите граѓани, а особено на децата, кои можат да дојдат во допир со отровот.

Апелираат до сите граѓани, доколку забележат сомнителна храна со бела прашкаста материја:

  • Да не ја допираат, освен со заштитни ракавици, • Веднаш да ги оддалечат децата и животните од местото, • Да пријават во МВР и во ЈП Лајка, • Доколку е можно, да ја фотографираат локацијата, • Да споделат со јавноста, со цел да бидат предупредени што повеќе граѓани.
© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Затворскиот предмет на Стевче Јакимовски во Кривичен суд

meteo

Судски совет остана без еден член, Црвенковска замина во пензија шест месеци пред да и заврши мандатот

Дејан Дејан

Според Рокас нон-пејперот не ги исклучува уставните измени

meteo

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе