Борци за заштита на децата од педофили или криминалци. Ова прашање се отвори во јавност откако Министерството за внатрешни работи поднесе кривична пријава за 6 млади луѓе од Битола кои лажно се претставувале како малолетничка на социјални мрежи.
Намамувале потенцијални педофили, им закажувале средби, па кога ќе се појавеле ги снимале, им ги објавувале имињата и видеата. Ги терале да се заколнат дека никогаш повеќе нема да посегнат по младо девојче.
Од јавно достапните видеа се гледа дека заклетвата ја даваат врз знак на неформална таканаречена „Пантер“, идентична со онаа во Босна и Херцеговина.
Но таму членови на групата беа уапсени, откако работите излегоа од контрола.
Ловци на педофили има и во Словенија, но таму тие соработуваат со полицијата, иако мака мачат со судскиот систем.
Ова е едно од неколкуте видеа од инстаграм со кој е означен стартот на лов на педофили во Македонија.
Но не од македонската полиција туку од таканаречената група „Пантер“. Објавено е на инстаграм профил orgpanter.mk и во него се порачува дека наскоро организацијата „Пантер“ доаѓа во Македонија.
Ваквите најави се постирани во периодот од крај на февруари и март лани, после што на јутјуб се појавија првите видеа кои беа снимани со луѓе чии идентитет се откриваше, а тие јавно се извинуваа што дошле на средба со малолетничка.
Според информациите на Телма неколкумина млади Битолчани се здружиле во неформална организација „Пантер“ која би била продолжен огранок на останатите од Балканот и Европа каде многу од поодамна постојат вакви организации а каде дел од нив се регистрирани и како здруженија на граѓани.
Во дата базата „Бизнис мрежа“ во земјава каде се евидентирани сите здруженија, невладина со такво име не постои. Но, на социјалните мрежи македонските пантери стануваат доста активни и имаат многу следбеници уште пред една година, а создаваат и телеграм групи со помош на кои комуницираат.
Се претставуваат како заштита за слабите и удар за злосторниците и насилниците, облечени се во црни маици а често го сокриваат и својот идентитет.
Според сознанијата на Телма, „Пантер“ најчесто своите жртви ги намамуваат во градскиот парк во Битола но и на други локации. На социјалните мрежи се преставувале како 14-годишна Анастасија.
Договарале средба со повозрасните мажи, а на неа всушност се појавуваат членовите на групата. Ова е едно од видеата каде маж од Кичево мислејќи дека ќе дојде на средба со девојче доаѓа во Битола.
Пантери го тераат да и се јави на сопругата и да и каже за она што го сторил.
Но ваквите видеа брзо исчезнаа од јутјуб каналот на „Пантер“ кој повеќе не може да се пронајде.
Предаторите кои ги уловија ги пријавиле во полиција за она што им го правеа „Пантер“.
„Оштетените биле пресретнувани од членовите на групата, каде биле снимани без нивна согласност, навредувани, омаловажувани, психички малтретирани и принудувани да дадат изјава дека се педофили. Откако ќе го направеле видеозаписот, нивните лични податоци биле јавно споделувани и објавувани на социјалните мрежи, со што кај оштетените предизвикале чувство на страв, пониженост и загрозување на личната сигурност. “- изјави Сања Стаматова, портпаролката на СВР Битола.
Од полицијата за Телма откриваат дека четворица кои биле измамени пријавиле дека се малтретирани. Биле извршени службени разговори, полицијата тврди дека обезбедила докази а до обвинителството е доставена кривична пријава за шестмина битолчани меѓу кои има 15-годишно момче.
Останатите се на возраст од 19 до 22 години.
Она што за Телма го откриваат од полицијата е дека сепак и на оние кои пријавиле односно на уловените педофили им се одземени телефони за вештачење.
Насилство – злоупотреба на лични податоци – неовластено снимање – самоволие. Ова се кривичните дела кои им се ставаат на товар на членовте на Пантер. Тие пак добија огромна поддршка од јавноста.
Кривичните пријави ги подели и правниците. Додека едни велат дека полицијата наместо да ги гони треба да ги награди, други велат дека никој не смее да ја земе правдата во свои раце.
„Претставува неовластено снимање и бидејќи истото е објавено на медиумите и социјалните мрежи, знаеме што може да се случи на едно такво лице во јавноста, значи може да линчувано, а всушност до тој момент, тој нема сторено кривично дело остануваме во доменот на имагинацијата. Но, ова е сепак како што кажав, комплексно прашање. Значи, доколку да речеме, МВР со свои приватни агенти да речеме, односно со агенти-провокатори или преку симултани некои определени истражни дејствија го направила ова, тогаш можеби приказната би била на сосема друг начин“ – вели адвокатот Јасмин Калач.
Од обвинителството велат дека ова не е прв случај членови на истата група кривично да бидат гонети. Ветуваат дека ако бидат најдени докази за вистинско педофилско однесување и кај мажите кои биле намамени, тогаш ќе отворат истрага и за нив.
Словенија е земјата каде групата „Пантер“ се уште работи но со многу ограничени можности токму поради тоа што правосудниот систем не ги прифаќал нивните докази.
За разлика од македонското МВР, нивната полиција започнала соработка со групата. Телма разговараше со девојка која е член на „Пантер Словенија“ и таа не е задоволна од нивниот правосуден систем. Кога била сведок во судење против фатен предатор, таа се чувствуала како да е криминалец и на обвинителна клупа, а не тој.
„Ако случајно фатат осомничен предатор, тој добива, на пример, само шест месеци или една година забрана за приближување. И тоа е сѐ. Тој продолжува да живее како ништо да не се случило. А жртвите го носат тоа со себе целиот живот. Затоа системот треба да се промени. Што се однесува до полицијата, немаме лоши искуства“ – ни изјави една членка на здружението „Пантер“ во Словенија.
Според последните податоци на народниот правобранител секој трет ден во Македонија по едно дете е жртва на некакво сексуално насилство. И покрај ова полицијата не размислува да соработува со овие групи.
„Недозволиво е ние да поддржуваме незаконито поведение. Па макар и тоа незаконито поведение да не доведе до откривање на ваков вид на „гаден“ криминал. Погаден – здравје“ – изјави Панче Тошковски, министер за внатрешни работи.
Од друга страна пак правниците сметаат дека таа мора да се позанимава и со предаторите. Мора да ја прошири истрагата и кон нив, но и државата да размисли дали треба да се воведе дело – неподобен обид – а кое ќе биде поврзано со обид за сексуална злоупотреба на деца.
„Тие се уловени, но не се уловени од страна на правосудните органи, туку се уловени од страна на лица кои што се можеби аматери. Значи, во регионот имаме случаи, како што веќе напоменав, во Србија, во БИХ, Хрватска, и дури и пресуди во однос на тоа, односно на вакви лица, на педофили, кои што се ослободени од вина. Бидејќи во кривичниот законик кај нас имаме еден член, член 20 кој што е еден казнено-правен институт, кој што вели дека ваквиот начин на ловење би претставувал „неподобен обид“ – додава адвокатотЈасмин Калач.
За разлика од Словенија, во Босна и Херцеговина во ноември лани дел од групата беше уапсена поради самоволие. Според она што може да се најде на инстаграм пак вакви групи постојат и во Хрватска, Австрија и други европски земји.
И покрај обидите за да комуницираме со членовите на македонски Пантер сепак никој не одговори на повиците.
Телма разговараше со новинарот Амарилдо Гутич кој подолго време го истражувал дејствувањето на „Пантери“ во Босна и Херцеговина. Таму групата започнала во 22 година со цел заштита на животни, но после две години целта се сменила и тргнале во лов на педофили. Но работата излегла од контрола, а секој што не ги поддржувал добивал закани. Од ловци до уловени, така се вика неговиот документарец посветен на групата Пантер.
Дел од групата е во притвор, дел во бегство. Но, дел имаат и криминало минато.
Билјана Николовска
