Единаесетти век или учебникот по историја за седмо одделение во Македонија односно за шесто во Бугарија. Ова е точката на која заглави работата на комисијата уште пред шест години, а од која не може да се помрдне ниту новиот состав повеќе од една и пол година. Вчера и денес во Скопје се одржа 42-та средба на мешовитата историска комисија, единаесетта со новиот состав, која како и претходните заврши без никаков напредок, поместување или заклучок. Следната средба ќе се одржи во септември во Софија.
„Во текот на првиот ден, се дискутираше за учебникот по историја за 7-мо одделение во Македонија. Не беше постигната согласност за евентуално усвојување на предлог-текст на препорака. Единствен напредок има во усогласувањето и потпишувањето на стенограми и записници од претходниот состав на Комисијата. Во текот на вториот ден, членовите на Комисијата го усогласуваа записникот за 34-та средба на ЗМЕК, одржана во Скопје, во февруари 2025 година“, соопштуваат од Владата.
Комисијата се најде и во нацрт извештајот на Вајц, а во амандманот 31а, кој е дел од компромисниот амандман 8, кој се однесува на регионалната соработка и надворшената политика, го признава постоењето на различни толкувања во врска со историските карактеристики на македонското општество и ги повикува сите страни да продолжи работата на историската комисија, но осудува секој обид за замена на историски тези и наративи.
Досега комисијата усвои препораки за заедничко чествување на пет историски личности – Светите браќа Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и Цар Самоил и по пет препораки за измени во учебниците по историја за шесто одделение во Македонија и за пети клас во Бугарија.
Новиот состав на македонскиот историчари во мешовитата комисија беше избран од Владата во септември 2024 година кога како копретседавач беше именуван професорот Ванчо Ѓорѓиев додека за членови беа именувани професорите Митко Панов, Александар Литовски, Никола Минов, Сашо Додевски, Бесник Емини и Димитар Љоровски.
Ѓорѓиев беше член на претходниот состав Комисијата, но ја напушти во 2021 година поради како што тврдеше тогаш политички притисоци во нејзината работа. Историската комисија беше формирана како резултат на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија од август 2017 година.
Oгнен Чанчаревиќ
