Вести Македонија Топ вести

Нов закон ја менува мапата на коцкање: подалеку од децата и помалку реклами – приредувачите реагираат дека не биле консултирани

Со нов закон ќе се регулираат игрите на среќа – коцкарниците подалеку од децата и ограничени во рекламирањето. Владата вчера на седница го утврди новиот текст на предлог-законот и ќе биде испратен во Собранието. Сите објекти во кои се приредуваат игри на среќа ќе бидат оддалечени половина километар од основните и средните училишта, а се забранува и рекламирање надвор од деловните простории, доколку тоа има за цел да ги поттикне граѓаните да се коцкаат.

Од асоцијациите се жалат дека не биле консултирани во подготовката на законот. А, граѓаните се децидни и бараат коцкарниците да бидат подалеку од децата.

„Достапноста до такви коцкарници преку интернетот сега е за сите присутна и многу е тешко да се справите со тој проблем. Тоа е порок, како и другите. Особено сега, до сите овие коцкарници имате инсталирано продавници за пари. Тоа е со умисла направено, многу е лесно да наведете човек на таква работа“, вели еден од анкетираните граѓани. 

„Нашите деца денеска многу, многу забегаа. Ние и порано сме биле сиромашни ама сме биле добро воспитувани од нашите родители, дека таа работа е неубава“, додава друг. 

„Никако блиску до школи, па би рекол и никако блиску до градот. Тој што сака да се коцка нека оди таму негде. И тоа е смртоносно, многу голема загуба за семејствата“, дополнува уште еден од анкетираните. 

Од Асоцијацијата на спортски обложувалници во која членуваат над 90% од сите приредувачи на игри на среќа велат дека воопшто не биле консултирани за предлог-законот. Новото решение, велат дека е идентично на старото, кое исто така е целосно неприфатливо за нив. Детален став најавуваат по анализите на текстот на законското решение. И другите здруженија ја обвинуваат власта за некооперативност.

„Жалиме што Владата не ги прифати нашите претходни апели. Одговорно тврдиме дека за создавање реално ефикасна регулатива потребно е активно учество на асоцијациите на различните приредувачи на игри на среќа, како и претставниците на вработените во овој економски сектор, кои исто така сме родители на малолетни деца“, велат од Здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“. 

Премиерот Мицкоски, пак, денеска го брани законското решение. Вели дека на законот се работело многу внимателно затоа што градовите, со сите реклами од оваа индустрија, не наликувале на ништо. Следни на ред се канцелариите за брзи кредити, вели премиерот.

Во казината, обложувалниците и автомат-клубовите во Македонија лани се уплатени 2,8 милијарди евра од македонски и странски државјани. Податоците што Телма ги доби од УЈП покажуваат дека најмногу пари играчите оставиле на автоматите.

Претходната власт во 2024 година изгласа измени на Законот за игри на среќа, но тогаш екс-претседателот Пендаровски не го потпиша Указот за прогласување на законот. Причина за одлуката беше несоодветната употреба на европското знаменце во процедурата.

Петар Догов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Развоен буџет или признание за лоша економија? – Ребалансот ги судри власта и опозицијата

Дејан Дејан

Украина и Молдавија отвораат нов кластер со ЕУ- едногласна одлука во Брисел

Sasko Dimovski

Изборниот законик доби дополнителен грејс период да биде донесен

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе