Вести Македонија Топ вести

Родителите загрижени за безбедноста, министерката најавува казни за родителите на децата силеџии

Детето кое завчера беше избодено со остар предмет во училиште во скопската населба Ченто е во стабилна состојба, тимовите кои го оперираа велат дека е во ред и оти се почнува со намалување на седацијата за да почнат да го будат, велат во Клиничкиот центар.

Настанот се случи во понеделникот, во втората смена во основното училиштето „22 Ноември“ или „25 Мај“ по старо, во Ченто, кога средношколец кој лани завршил во училиштето, влегол во школото и го избодел 14-годишниот деветтоодделенец. Бил итно пренесен во болница и опериран со животозагрозувачки повреди на црниот дроб.

Родителите кои изутрината ги носеа своите деца на училиште не беа многу расположени за разговор пред камера. Или креваа раменици или одмавнуваат со рака со негодување. Вознемирени се и загрижени за безбедноста на своите деца.

„Не да сме загрижени, туку ненормално сме загрижени. Како може ученици да носат ладно оружје во школото. Не ми е јасно до кај ќе одиме. Треба институциите да преземат мерки во врска со ова, во иднина да не се случуваат вакви работи. Треба воспитување, прво од дома, на улица, па во школо, родител, наставник, друштво, учениците меѓу себе да се сакаат како брат и сестра. Ова е ненормална работа. Многу ми е жал, искрено. Еве, внуката сега ја испратив во школо. Замисли, здрава и права ќе ја однесеш, како ќе излезе, завршуваат во болници“, вели дедо на ученичка.

Од училиштето воопшто не се огласија и три дена по инцидентот. Директорката и денеска не одговори на нашите пораки, откако вчера ни спушти слушалка кога се претставивме, а потоа не одговараше на повиците.

Министерката Весна Јаневска вели дека за решавање на проблемите со врсничко насилство е потребна соработка на сите чинители и ги повика родителите да обрнат внимание на своите деца.

„Ќе ги замолам пратениците да побараат измена и дополнување на Законот за основно образование за да вметнеме казна за родителот чие дете е сторител на насилие во училиштето. Во моментов разговараме со нив за да се формулира таа измена и дополнување на законот. Децата не ја развиваат агресивноста на училиште, со исклучок на ретки примери. Децата агресивни доаѓаат на училиште. Децата средствата, оружјето, ножот, што и да е, не го наоѓаат во училиштето, тие од дома го носат на училиште“, вели министерката Јаневска.

Полицијата вчера соопшти дека напаѓачот бил уапсен, а во Обвинителството велат дека за настанот е известен обвинител од Одделението за малолетници во ОЈО Скопје и оти се постапува согласно Законот за правда за децата.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Граѓаните револтирани од хаосот во Центарот за вработување во Тетово – со часови чекаат да аплицираат за мерките за вработување

Дејан Дејан

Новиот Изборен законик заглави без консензус: Се бара политички договор додека опозицијата најавува блокади

Дејан Дејан

Се комплетира владината реконструкција – Мицкоски ќе ја објави по партискиот Извршен комитет

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе