Откако ОЈО ГОКК ја затвори финансискиот дел од истрагата за злоупотреби при набавка на мазут за ТЕЦ Неготино, во вредност од над 167 милиони евра, од обвинителството на прашања на новинарите на денешниот брифинг соопштија дека се уште трае истрагата за еколошкиот дел и се испитуваат сомнежите дека со набавениот мазут од страна на РКМ е предизвикано и загадување.
Направено е вештачење во Србија, а во тек е анализа на добиените податоци.
„Резултатите од вештачењето и хемиската анализа во Србија се пристигнати. Беа правени во лабораторија во Белград. Беа испратени 10 мостри, а за секоја мостра под 4 тегли со мазут. Во првичните резултати стои дека сите мостри имаат под 1% сулфур што е законски максимум за заштита на човековата средина и здравје. Но, анализите се детални и во тек се консултации за да се увиди дали и колку други состојки има во мострите и дали се во согласност со законските ограничувања. Проблем е што не може да се изврши амбиентално мерење на воздухот бидејќи мазутот е горен многу пред отварање на истрагата“, рече обвинителката Катерина Коларевиќ.
