Избегнати се рестрикции на струја, а државата без набавката на мазут преку договорите со РКМ можела да остане без електрична енергија за домаќинствата, вака обвинителката во ОЈОГОКК Катeрина Коларевиќ, на брифинг со новинарите, образложи една од причините зошто е запрена истрагата за купувањето на мазут за ТЕЦ Неготино, во која првично беше соопштено дека е направена штета од над 167 милиони евра. Обвинителката Коларевиќ соопшти и дека не се најдени докази за делото, а немало штета туку корист бидејќи ТЕЦ Неготино произведувал струја за 180 евра за мегават додека на берзите цената се движела од 250 до 600 евра. Иако пријавата беше за наместени јавни набавки и неидспорачана количина на мазут, обвинителството вели дека не нашле доволно докази.
Истрагата е запрена за Ратко Капушевски и неговата фирма РКМ, Асмир Јахоски- сопственик на Пуцко петрол и син на пратеникот на ДУИ, Исмаил Јахоски, поранешните директори во ЕСМ, избеганиот Васко Ковачевски и Адриан Муча, Ерџан Сулковски и уште 8 други осомничени.
Обвинителството вели дека нема ништо спорно во тоа што само малата РКМ се пријавувала да купува мазут за државата, иако условите во јавните повици биле ограничувачки за други фирми.
„Банкарската гаранција на РКМ ја дава лицето Асмир Јахоски. Потоа РКМ го ангажира Асмир Јахоски за посредување по договор за 72.000.000 денари (1,2 милиони евра), па Јахоски оди во Атина да преговара со Хеленик за набавка на мазут за потребите на јавниот повик кој го добива РКМ.
РКМ не давал лажни податоци. Сведоците од ЕСМ и ТЕЦ Неготино изјавиле дека мазутот е потрошен таму и е произведено соодветно количество електрична енергија чија цена била пониска од пазарната цена на берзите. Поради тоа немало рестрикции и договорите биле во согласност и ги исполниле целите на прогласената енергетска криза“, рече Катерина Коларевиќ, обвинител во ОЈОГОКК
Пријавата ја поднесе МВР лани во март, 6 дена пред трагедијата во Кочани. Обвинителството цитирајќи ја кривичната пријава тогаш соопшти дека има сомнежи за перење на пари бидејќи еден осомничен добил 1.200.000 евра од фирмата која ги добиваше јавните набавки.
Во однос на сомневањата за перење пари, истрагата утврди дека средствата исплатени по основ на реализираните договори не претставуваат противправно стекната имотна корист, односно не се приноси од кривично дело. Оттука, финансиските трансакции, исплатите, купувањето имот и префрлањето средства меѓу сметки не можат да се сметаат за дејствија на перење пари или прикривање незаконски стекнати средства, соопштија од Јавното обвинителство.
За истиот случај, претходниот состав на Антикорупциската комисија поднесе и иницијатива за кривично гонење со која беше опфатен и тогашниот министер за економија. Во повеќе истражувања во емисијата КОД на Телма беа обработени повеќе сегменти од спорните јавни набавки на мазут за ТЕЦ Неготино. Дел од истрагата беше и поради сомнежите за загадување од неквалитетен мазут, за што беа барани вештачења во странство- но обвинителството во денешното соопштение не наведува никакви детали за тој сегмент.
Миомир Серафиновиќ
