Њујорк се наоѓа на само една победа од пласман во конференциското финале, додека Сан Антонио поведе во полуфиналната серија против Минесота.
Њујорк славеше на гостувањето кај Филаделфија со 108-94 и поведе со 3-0 во полуфиналната серија од плеј-офот на Источната конференција. Џејлен Брансон ги предводеше Никс со 33 поени, Микал Бриџис постигна 23, а Џош Харт забележа дабл-дабл со 12 поени и 11 скока. Кај Сиксерс, Џоел Ембид се врати во составот и реализираше 18 поени, Кели Убри Џуниор беше најефикасен со 22, а Тајрис Макси натпреварот го заврши со 17 поени.
Четвртиот натпревар повторно се игра во Филаделфија, каде домашниот тим ќе мора да победи ако сака да избегне „метла“ во полуфиналето.
Во Западната конференција, Сан Антонио славеше во Минесота со 115-108 и поведе со 2-1 во полуфиналната серија. Виктор Вембањама блескаше за Спарс со 39 поени и 15 скока, а поддршка имаше од Деарон Фокс, кој постигна 17 поени, и од Стефон Кесл, кој запиша дабл-дабл со 13 поени и 12 асистенции. Кај Тимбервулфс, Ентони Едвардс реализираше 32 поени и 14 скока. Минесота ќе биде домаќин и на четвртиот натпревар.
