Вести Нексус Нексус-Глобален магазин Свет

Архипелагот Раџа Ампат под закана од рударска експлоатација

Во срцето на Индонезија во Тихиот Океан се наоѓа Раџа Ампат, архипелаг со 1500 острови, кое важи за едно од најбогатите подрачја во светот по морскиот биодиверзитет. Под површината на неговите тиркизни води се крие неверојатен свет на корали и морски видови, кој го привлекува вниманието на научници и нуркачи од целиот свет.

„Ова е глобалниот епицентар на морскиот биодиверзитет. Никаде на планетата Земја нема толку риби и корали на едно место“, потенцира Марк Ердман, биолог за корални гребени.

Коралниот триаголник, со кристално чиста вода, крие еден од најбогатите морски екосистеми во светот – дом на илјадници видови риби, морски желки, ражи и импресивни корални гребени. Локалните жители со години живеат од лов и риболов, кој е дел од нивната традиција, култура и начин на егзистенција.

Гребените не изгледале секогаш вака. На почетокот на овој век рибарите од другите делови на Индонезија и Југоисточна Азија користеле експлозиви и големи мрежи, оштетувајќи ги коралите и уништувајќи го морскиот свет, со цел полесно рибарење. Сето тоа почнало да се менува откако еколошката организација „Конзервејшен Интернешнал“ започнала кампања за водите околу Раџа Ампат, со цел да се заштити морскиот биодиверзитет и да се врати туризмот. Па така од 2007 година се воведени закони за заштита на 10 морски подрачја со површина од 2 милиони хектари, во кои се вклучени 45 отсто од гребените, коритата со морска трева и дрвјата кои растат во морињата.

Денес локалните заедници ги спроведуваат пропишаните правила за риболов и го контролираат туризмот во овој предел. По две децении на спроведување на мерките за заштита на архипелагот резултатите стануваат видливи стои во Извештајот на Фондацијата Мисул за 2024 година, со што за 109 отсто се зголемила биомасата на рибите и морските ражи. Сепак, и покрај овие позитивни резултати овој рај се уште е под сериозни закани. Сега како најголема закана за биодиверзитетот e појавата на рударството, особено ископувањето на никел, кое го нарушува природниот екосистем.

„Раџа Ампат е место богато со минерали. Еден од нив е никелот, кој е минерал што се користи за батерии, чипови и електронски компоненти, а има и места во Раџа Ампат, особено на север каде се врши експлоатација на руди за тој никел“, рече Пол Рамос, морски биолог.

Во меѓувреме Индонезиската влада издаде пет концесии за ископување никел во овој регион, потег што веднаш предизвика дополнителни реакции од еколошките организации и локалното население. Активистите предупредија дека рударските активности можат да предизвикаат дополнителни, и долгорочни штети, врз еден од најбогатите морски екосистеми во светот. Под притисок на јавноста, и по наоди за еколошки нарушувања, властите се повлекоа и поништија четири од петте дозволи, додека една концесија остана на сила.

„Проблемот со откопувањето на никел, или, впрочем, со секој вид рударство на отворена лента во мал островски предел со стрмни падини и многу врнежи од дожд е тоа што ќе добиете огромна количина на ерозија. Ќе добиете седиментација, сега кога ќе ја отворите земјата, таа кал во основа ќе започне да се влева во океанот. А понатаму ќе ги покрие коралите во непосредна близина, а тие ќе се задушат. Значи тоа ќе биде крај на тие корални гребени, како и на ловот на сите риби што тие нормално ги произведуваат“, изјави Марк Ердман, биолог за корални гребени.

Раџа Ампат е под заштита на УНЕСКО и се смета за глобален геопарк, статус кој го доби за своето исклучително природно и геолошко значење, но и поради тоа што се смета за едно од најбогатите морски подрачја на планетата. Еколошките организации предупредуваат дека и покрај делумното повлекување на дозволите, секоја индустриска активност во регионот претставува ризик за овој уникатен екосистем. Тајмер Манурунг, активист и претседател на еколошката група Аурига Нусантара, дополнително додава дека никој не презема мерки за превенција и заштита на пределот.

„Сега постои тензија меѓу заедниците, бидејќи некои области, особено од локалните жители ќе добијат економска придобивка, тие го поддржуваат рударството, но поголемиот дел од нив се спротивставува на рударството, бидејќи тоа ја загрозува нивната економија“, објаснува Тајмер Манурунг, активист и претседател на Аурига Нусантара.

Дополнително освен морското богатство, загрозен е ѝ простор каде има распространети ливади и шуми. Студијата во март спроведена од страна на еколошката организација Манурунг, покажа дека уништувањето на шумите веќе достигнало до речиси илјада хектари.

„Не станува збор само за морскиот екосистем, туку и за шумите, а ние го пресметавме уништувањето на шумите на островите за една илјада хектари, што не е голем број во Индонезија, но тоа е многу голем број за малите острови“, вели Манурунг.

Раџа Ампат покрај рударските предизвици се соочува и со растечкиот туризам. Приливот на посетители носи економски придобивки за локалното население, но истовремено создава плодно тло за загадување. Експертите предупредуваат дека без строга контрола и одговорно управување на отпадот, зголемениот број на туристи може да допринесе до загрозување на сегашниот биодиверзитет.


„Срцето ми се крши секогаш кога ќе ги видам овие големи купишта на пластика која плута и знам дека тоа е нешто што го гледаме низ цела Азија, сè уште не сме ни 100% сигурни од каде доаѓа во овој момент, но тоа е вистински проблем во Раџа Ампат и нешто што треба да се реши, а секако и туризмот како дел од тоа“, изјави Марк Ердман, биолог за корални гребени.

Oва туристичка дестинација годишно ја посетуваат од 20 до 30 илјади туристи, најчесто нуркачи. Иако бројката на посетители не може да се спореди со другите светски дестинации, сепак се создава можност за загадување поради слабиот систем за рециклирање и управување со отпад. Локалните власти започнаа со воведување на мерки, за да се ограничи посетата на туристи, со цел да се минимизира загадувањето и да се заштити животната средина.

„Ако правилно се грижиме за морските заштитени подрачја во Раџа Ампат, во Западна Папуа па и пошироко, тоа ќе има позитивно влијание во однос на извлекувањето на јаглеродот од атмосферата, што е нешто за кое мислам дека сите треба да бидеме загрижени“, додава Ердман. 

Додека експертите предупредуваат дека рударските активности би можело да имаат долгорочни последици, а активистите бараат целосно запирање на сите индустриски активности, одлуката останува на владата. Економски интерес или заштита на животна средина? Дали рајот на Раџа Ампат ќе продолжи или ќе се соочи со понатамошна експлоатација и уништување, останува да видиме.

Теа Димковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го блокира Изборниот законик затоа што нема поддршка од дијаспората

Дејан Дејан

СДСМ: Мицкоски продолжува да зборува, а граѓаните да плаќаат

Дејан Дејан

ЦУК: Регистрирани 11 пожари на отворен простор, активен е пожарот кај Белица во Македонски Брод

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе