Следната недела Владата ќе анализира дали ќе треба да ги продолжи мерките кои е однесуваат на цените на горивата а кои се на сила до 18 мај дали е потребно повторно ќе се преговара со ОКТА, соопшти министерката за енергетика Сања Божиновска. Дали горивото купено од ОКТА било изведувано и продавано во странство по далеку повисока цена засега нема одговор а тоа го испитува пазарниот инспекторат. Засега од државните резерви не е повлечено гориво и во залиха државата има дизел за 62 дена и екстра лесно гориво за 175 дена.
„Следната недела ќе видиме што ќе се случува со цените, со берзите со војната и неколку дена пред истекот на овој рок ќе видиме до каде се цените. Секако дека ние ќе преговараме. Ако е потребно секако да, ние ќе побараме да се продолжи попустот. Мислам дека од пазарен инспекторат веќе проверуваат со царината, најдобро е да ги прашате дали имаат некои сознанија односни бројки“, рече Сања Божиновска, министерка за енергетика рударство и минерални суровини.
Од енергетика соопштија дека продуктоводот непречено функционира и дека заклучно со април се испорачани 30 отсто од зацртаната годишна количина на дизел гориво.
Божиновска на брифингот со новинарите соопшти дека ќе се постигне рокот до јуни наредната година за финиширање на изградбата на гасниот интерконектор со Грција, досега 10 проценти од цевките се заварени, на дополнителни 17 километри се поставени на место и е завршена експропријацијата.
Кога станува збор за тарифните блокови, Божиновска кажа дека ќе го поддрже укинувањето доколку се потврди дека тоа ќе ја намали висината на сметките за граѓаните.
„Ако е за доброто на граѓаните и ако се намалат нивните сметки… Секако би сакале и ние да ги видиме пресметките. Меѓутоа тоа е дејност на регулаторите, ние само може да кажеме дека сме за во случај ако крајната цел е намалување на сметките на граѓаните“ изјави Сања Божиновска, министерка за енергетика рударство и минерални суровини.
Министерството односно Владата ги испратила во Брисел на евалуација подзаконските акти од законот за енергетика и за праведна транзиција. До енергетика се поднесени околу 1.700 барања на субвенции за инвертери за кои допрва ќе се одлучува.
Огнен Чанчаревиќ
