Тензична акција во Крива Паланка за одземање на кравите кои со години шетаат слободно наоколу. Инспектори на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), полиција, но и дронови го снимаа теренот. Екипите кои излегоа да ги заловат говедата беа спречувани од сопствениците. Тие дури имаа и обид да ги истераат во планината, само за да не бидат заловени.
Ова не е првпат службите да наидат на отпор. Поради попречување на акцијата, сопствениците завршија во притвор, но сега се на слобода. Сопственикот Гоце Ѓорѓиевски вели дека нема конфликт со институциите, но бара да му се дозволи да ги продаде.
„Ние имаме свопи штали, имаме забрана, пет-шест години, за продавање. И добитокот, нели, секоја година се зголемува бројката. Тоа е проблемот, ништо не беше проблемот. Значи на нас да не ни бидат врзани раце да ги продадеме, ние ќе ги продадевме, ќе останеше минимален број, колку може да се грижиме за нив. И тоа е. Бараме да ни овозможат да можеме да го оттуѓиме дел, да ги продадеме, да земеме нашата мака да си ја вратиме. Да не ни ја земаат нашата мака, што 30 години сме се мачеле за нив и сега одеднаш без ништо да останеме. Е тоа е. Да ни дадат да ги продадеме. Ако можеме пет да чуваме, пет ќе чуваме, ако може 15, 15. Ние не бараме повеќе“, изјави Гоце Ѓорѓиевски, сопственик на крави.
АХВ денеска залови околу 20-тина крави. Дел од нив беа натоварени од помошниот објект кај градскиот базен. Но, и таму обидите на инспекторите беа попречувани од сопствениците кои дури паркираа и возило пред портите на базенот како препрека.
Во меѓувреме, жителите од околните села велат дека трпението им е при крај. Со години, велат, добитокот им ги уништува посевите. Обвинуваат дека добивале и закани од семејството на сопствениците.
Жителите за утре најавија протест пред општината.
Симона Петровска
