Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска изрази целосна поддршка за протестот на Сојузот на синдикати на Македонија и за барањата на работниците упатени до Владата.
Во продолжение е интегралната изјава на претседателот Филипче:
„Дозволете да ја информирам јавноста дека во текот на вчерашниот ден, вчера попладне имавме состанок на Извршниот одбор на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и зазедовме став да се поддржи денешниот протест на Сојузот на синдикати на Македонија и да се поддржат барањата коишто работниците ги имаат до Владата.
-Сметам дека барањата се реални, дека се објективни, дека поголема плата е заслужена и вистински потребна и за преживување на работничките семејства во државата. Јас жалам што завршија добрите пракси од минатото, од времето на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија кога во континуитет растеа и минималната плата и просечната плата. Минималната плата скоро се дуплираше и просечната плата исто, и тоа во време на најголеми кризи како што светот немаше видено тогаш, ковид кризата и енергетската криза.
-Меѓутоа, тоа е резултат на една добро водена економска политика во државата, кога во државата имаше и добра реализација на капитални инвестиции, кога имаше и странски инвестиции, а сето тоа во оваа влада на ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и ВЛЕН, навистина го нема, лошо функционира. Едноставно сме соочени со ситуација во којашто се што владата прави е само нови и нови задолжувања, кои што ќе ги враќаат следните генерации.
-Даваме максимална поддршка за денешниот протест. Жалам што пред неколку месеци оваа власт не го поддржа нашиот предлог за зголемување на минималната плата. Ние ќе продолжиме и понатаму, во следниот период да изнаоѓаме и предлагаме законски решенија со што ќе го подобриме стандардот на граѓаните“, рече лидерот на СДСМ.
