Миле Бошков од Бизнис конфедерацијата во емисијата „Директно“ истакна дека самостојните вршители на дејност, микро малите компании не може да ги постигнат барањата на Синдикатот. Тој посочи дека економијата не е стационирана само во Скопје каде обемот е голем, туку и низ целата територија на државата.
„Она што го слушнав од моите колеги е она на што ние сакаме да се приклучиме. Можеби е потребно да се разговара за минималната плата, за можна поддршка од државата. Многупати сме разговарале со Владата дека на она што се приклучуваме треба да биде ослободено од социјални придонеси. Но во овој момент немаме чувство дека тоа може да се случи. Мора да разговараме за развој во повеќе сектори и мерки, и заедно со Владата да се осврнеме во делот за зголемување на платите“, објасни Бошков.
Тој истакна дека можеби сега е време за да се започне револуционерен дијалог со што ќе се стави крај и ќе се надмине проблемот кој се појавува секоја година кога станува збор за зголемување на платите.
„Можеби е време за револуционерен социјален дијалог, секторско договарање вклучувајќи ја и минималната плата во секој еден сектор за да го надминеме овој проблем за кој разговараме секоја година“, потенцираше Бошков.
Т.Д.
