Владата засега само ќе ги пополнува испразнетите места од Вреди, а реконструкција ќе има на почетокот на идната година. Имињата на новите министри за кои коалиционите партнери разговараат деновиве, ќе бидат познати следната недела. Се знае само дека прв вицепремиер ќе биде Беким Сали. Од Вреди потврдија и дека се водат разговори со опозициски партии за влез во владата, но не откриваат со кои.
Неофицијално, се работи за ДПА на Мендух Тачи, со кои веќе е договорено да преземат позиции од понискиот ешалон во владата. Алијанса на Зијадин Села, кој постави три услови за евентуален влез, не е прифатлив партнер. Премиерот деновиве рече дека не прифаќа уцени, а денеска изјави дека нема такво размислување, затоа што актуелната Влада има историски високо мнозинство во парламентот. Смета дека не треба да има уценување и политиканство, ниту за носењето на реформските закони за кои е потребно Бадентерово мнозинство.
Паралелно се водат разговори и за повереници за општините во кои немаше консензус за избор на градоначалник, а премиерот најави дека нивните имиња ќе бидат соопштени на владината седница во вторник.
Далиборка Демјанска Цветановска
