Вести Македонија

Веќе нема операции на срце без согласност од експертски тим – започнуваат контроли по болниците

Членовите на стручната комисија кои ги истражуваат сомнителните операции на срце ќе влезат и во болниците и по случаен избор ќе проверуваат медицински досиеја. За евентуални нови пријави, ќе одлучува нов тим, кој тогаш би се формирал.

Министерот Алиу најави и таканаречени „хард тимови“ низ чии раце ќе минува секоја одлука за операција на срце. Групи по тројца експерти (анестезиолог, кардиолог и кардиохирург) во иднина ќе го имаат последниот збор. Овие тимови ќе важат и за државните и за приватните болници.

„Се креираат таков тип на хард тимови. Вчера имав состанок со советодавното тело и оваа идеја беше анализирана. Тоа функционира во светот, а ќе биде имплементирано и кај нас. Тие кажаа дека наместо три, можеби ќе треба и пет експерти да има. Ќе видиме, во наредниот период ќе креираме протокол за ова“, изјави Азир Алиу, министер за здравство.

Во однос на странскиот експертски тим, Алиу повтори дека не сакаат да им се создава временски притисок. Важно е, рече тој, извештајот да биде сигурен и стручен. Според првичните процени, на тимот нема да му бидат потребни повеќе од три сесии за финалниот документ. Во тек се правни анализи за да им се обезбеди пристап до медицинската документација, бидејќи членовите не се државјани на Македонија.

„Во моментов се анализира, бидејќи тие не се државјани на нашата држава, а треба да имаат пристап до досиејата. Во моментов се анализира како законски тие да имаат пристап до целата документација“, додаде Алиу.

Минатата недела на прес-конференција, интерната комисија заклучи дека непотребни операции на срце биле закажувани како неопходни. Од 25 пријави, комисијата постапила по 19 кои се под нејзина надлежност и утврдила дека во 10 случаи операциите биле непотребно направени. Шест пријави се во рацете на ДСЗИ, но засега нема информации оттаму.

Тамара Марковска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

“Здрава котлина” со остра реакција на одлуката на Вишиот управен суд: “Отворивте војна со народот”

Дејан Дејан

Ацевски: Ревизии и во останатите друштва во кои државата е доминантен сопственик, состојбите се слични како во работењето на Државна лотарија

Sasko Dimovski

„Не за нова дозвола на Усје по стари правила“ – протест на граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе