Членовите на стручната комисија кои ги истражуваат сомнителните операции на срце ќе влезат и во болниците и по случаен избор ќе проверуваат медицински досиеја. За евентуални нови пријави, ќе одлучува нов тим, кој тогаш би се формирал.
Министерот Алиу најави и таканаречени „хард тимови“ низ чии раце ќе минува секоја одлука за операција на срце. Групи по тројца експерти (анестезиолог, кардиолог и кардиохирург) во иднина ќе го имаат последниот збор. Овие тимови ќе важат и за државните и за приватните болници.
„Се креираат таков тип на хард тимови. Вчера имав состанок со советодавното тело и оваа идеја беше анализирана. Тоа функционира во светот, а ќе биде имплементирано и кај нас. Тие кажаа дека наместо три, можеби ќе треба и пет експерти да има. Ќе видиме, во наредниот период ќе креираме протокол за ова“, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Во однос на странскиот експертски тим, Алиу повтори дека не сакаат да им се создава временски притисок. Важно е, рече тој, извештајот да биде сигурен и стручен. Според првичните процени, на тимот нема да му бидат потребни повеќе од три сесии за финалниот документ. Во тек се правни анализи за да им се обезбеди пристап до медицинската документација, бидејќи членовите не се државјани на Македонија.
„Во моментов се анализира, бидејќи тие не се државјани на нашата држава, а треба да имаат пристап до досиејата. Во моментов се анализира како законски тие да имаат пристап до целата документација“, додаде Алиу.
Минатата недела на прес-конференција, интерната комисија заклучи дека непотребни операции на срце биле закажувани како неопходни. Од 25 пријави, комисијата постапила по 19 кои се под нејзина надлежност и утврдила дека во 10 случаи операциите биле непотребно направени. Шест пријави се во рацете на ДСЗИ, но засега нема информации оттаму.
Тамара Марковска
